Кинескиот претседател Си Џинпинг лично барал од Светската Здравствена Организација да ги премолчи информациите за пренесувањето на новиот коронавирус од човек на човек, објавила германската федерална тајна служба. Се тврди и дека кинескиот претседател барал од СЗО да го одложи глобалното предупредување за коронавирусот кое требало да биде емитувано на 21 јануари.
СЗО овие тврдења ги нарекува “шокантни и неточни”. Претседателот на САД, Доналд Трамп неколку пати ја обвини СЗО дека под кинеско влијание ја криела пандемијата. Тој дури и се закани дека повеќе нема да ја финансира оваа организација.
“Кина го потврди преносот од човек на човек на 20 јануари, СЗО на 22 јануари ги објави податоците кои сугерираат дека вирусот се пренесува од човек на човек во Вухан”, изјавила СЗО.
Институтот- легло на зарази?
Кинеските власти во Вухан отвориле институт за вирологија, по пандемијата со САРС во 2002 и 2003 година, вирус кој припаѓа на семејството на коронавируси. Епидемијата траела 8 месеци, заразени биле 8000 луѓе, а починале 775. Проектот е завршен 15 години подоцна, а чинел 34 милиони фунти.
Тоа била најсовремената лабораторија во Кина. Отворена е во јануари 2018 година, откако ги поминала сите проверки, а нивото на безбедност е П4.
Еден од истражувачите, Жу Пенг во 2018 година изјавил дека на светско ниво тие се први во изучување на механизмот на имунитетот кај лилјаците, кои се носители на вирусот.
Се смета дека Ковид-19 потекнува од лилјаците, иако многумина веруваат дека вирусот потекнува токму од оваа лабораторија, зашто вработените наводно не ги почитувале сите мерки за заштита, па најпрво дошло до пренос на вирусот од лилјак на човек, а потоа од човек на човек.
Се појавил и извештај на 15 страници во кој се тврди дека властите во Пекинг знаеле сè, но молчеле.
За опасноста на вирусот предупредила и Си Женгли, водечки научник во Институтот во Вухан.