Мистериозните лилјаци, кои го поминуваат најголемиот дел од животот висејќи наопаку, влегоа во центарот на вниманието на јавноста овие месеци под сомнение дека се одговорни за појавата на новиот корона вирус, иако оваа теорија сè уште не е потврдена.
Поради ова, смртта на стотици лилјаци во неколку индиски држави, вклучувајќи ги Утар Прадеш и Бихар, ги прогонува селаните кои го гледаат тоа како злобен знак и навестување за ужасни настани.
Паника меѓу локалните жители ги принуди властите да покренат акција да се направат обиди за утврдување на причината за смртта на лилјаците, пренесува Спутник.
На подрачјето на Белгат во Утар Прадеш, на крајот на мај беше соопштена смрт на голем број лилјаци без физички знаци на повреда. Локалното население изјави дека во една област, дури 52 лилјаци починале во рок од еден час.
- „И порано сме преживувале низ топлински бранови, но смртност во толкави размери никогаш порано не се случила. Нешто не е во ред, иако официјалните лица се обидуваат да го прикријат проблемот. Како можат 52 лилјаци да умрат одеднаш во рок од еден час?“ – вели селанецот Ашок Варма.
Истиот ден кога беше пријавена смртта на 52 лилјаци, одделот за сточарство во Бихар ја потврди смртта на околу 200 лилјаци во близина на Ара во областа Буипур. Екипа на лекари ја обиколи областа и зеде примероци од мртвите лилјаци за тестирање.
Индискиот ветеринарен институт наведува дека лилјаците, најверојатно, умреле во Утар Прадеш поради прекумерна топлина.Пестицидите што се користат на дрвјата од манго исто така се сметаат за можна причина за масовна смрт на овие мистериозни ноќни суштества.