Ако треба да се верува на британскиот експерт, ние сме виновни за појавата и ширењето на сè поопасните и смртоносни вируси.
Британската научничка Сара Гилберт, која води истражување за вакцина против КОВИД-19 болеста на Универзитетот во Оксфорд, предупредува на зголемен ризик од епидемии на заразни болести кои се шират од животни на луѓе.
Гилберт нагласува дека човечката активност е главниот двигател на оваа закана и додава дека ризикот нема да се намали доколку глобализацијата продолжи и во иднина.
Поголема густина на населението, повеќе патувања, уништување на шумите – сите овие работи ја прават појавата на нови епидемии уште поверојатна, а после тоа нешто ќе почне и ќе се шири понатаму, вели Гилберт.
Поради начинот на кој се одвиваат работите во светот, веројатно е дека зоонозни инфекции ќе предизвикаат епидемии во иднина, додава таа.
Повеќето научници се согласуваат дека новиот коронавирус преминал на луѓето од лилјаци, најверојатно преку пазар во Вухан.
Други смртоносни вируси како што се САРС, ебола и западнонилскот вирус исто така се пренесени од животни на луѓе.
Предупредувањето на Гилберт доаѓа во време кога мутиран вид на нов корона вирус, исто така, се појави во Индонезија, Сингапур и Малезија и се верува дека е 10 пати позаразен од првичниот вид на вирусот SARS-CoV-2.
Вакцината, која ја развива Универзитетот во Оксфорд, ги чека резултатите од третата фаза на тестирање, а доколку се докаже нејзината ефикасност, научниците од Оксфорд се надеваат дека може да биде широко достапна до крајот на оваа година.