Бев лоша мајка!!!
Мојот сопруг и јас бевме горди на нашиот син и веројатно затоа не можевме да замислиме дека би влегол во пеколот наречен дрога
Забележавме дека нашиот син користи дрога….
– Поминаа повеќе од две години додека да сфатам дека мојот син користи дрога. Мојот сопруг и јас бевме горди на нашиот син, бидејќи тој беше примерно дете и веројатно затоа не можевме ниту да замислиме дека ќе влезе во пеколот на дрогата. Меѓутоа, кога се запиша во средно училиште, одеднаш го промени неговото однесување. Секоја промена, сметав дека е резултат на пубертетот, резултат на неговата младост и адолесценцијата. Сепак, се почесто почна да изостанува од часови, оценките почнаа да му се намалуваат. Отидов кај класниот раководител, кој само ми посочи за непримерното однесување на мојот син, но дека сигурно оваа фаза многу брзо ќе му помине. Во прва година во средно училиште едвај заврши со добар успех, што за нас претставуваше премногу поразителен факт, бидејќи во основното училиште беше меѓу првите пет ученика во генерацијата. Започна многу чудно да се однесува дома. Неговите очи беа црвени, имаше бавни движења и многу често спиеше повеќе од десет часа.
Поради тоа, една вечер додека се тушираше почнав да му ги претресувам џебовите на неговата облека и тогаш најдов спакувана трева. Откако сопругот се врати дома од работа, заедно, седнавме да разговаравме со Лука, а тој со ладен тон на гласот и целосно рамнодушен само ни потврди дека тоа е трева. Се сеќавам дека целиот мој свет се урна. Почнав да си префрлам дека сум била лоша мајка, дека не сум го воспитала правилно. Во текот на разговорот тој се обидуваше да не убеди дека тревата не е дрога и дека од неа не може да се стане зависник. Сакавме да му веруваме, сакавме сето тоа да биде вистина, бидејќи не можевме да прифатиме дека нашето дете користи дрога.
Зошто не баравме помош…
– Во тој момент, многу повеќе бевме загрижени некој да не дознае дека нашето дете користи дрога, бидејќи и во ситуацијата во која бевме, премногу се чувствувавме засрамено. Сакавме да го однесеме во Институт за зависници, но таму секој зависник од дрога го евидентираат во архива, а тоа за нас во тој момент беше неприфатливо. Правевме сè за ова да остане во кругот на семејството. Лука повторно се обидуваше да ни објасни дека сите користат тревата и дека тоа е сосема нормално. Секој ден поминував низ хорор, секој ден си ја преиспитував секоја моја постапка како родител, секој ден се прашував каде згрешив. Кога и да помислев дека моето дете зема дрога, имав напади на гушење.
Од друга страна, сопругот се обидуваше преку казнени мерки и забрани да го “научи да памет“. Меѓутоа, сето тоа беше залудно. По некое време, избега од дома. Се обидувавме преку неговите пријатели да дознае каде има отидено, но не успеавме да дојдеме до никаков одговор. Отидовме и во училиштето да го најдеме, каде дознавме дека веќе извесен период не посетува настава. Тогаш одлучивме да го пријавиме случајот во полиција и да го пријавиме нашиот син за исчезнат. Сепак, почекавме уште неколку дена и за среќа Лука ни се јави. Го молев да се врати дома, бев подготвена на сé, само да се врати. Тогаш, го видов моето дете во најлоша состојба. Не, тоа не беше он!!! Едвај беше способен да оди. Наредните седум дена ги помина во кревет, по цели денови само спиеше. Се сеќавам дека само седев до него и со часови плачев. Ми вети дека сè ќе биде во ред, а јас нормално му поверував.
Сé продолжи како и обично…
– Овој пат беше уште полошо, иако ветуваше дека ќе сврти нов лист. Се врати на училиште. Но, многу набрзо му најдов некои прав. Нормално го однесов во лабораторија за тестирање и ми потврдија дека е хероин. Лука се бранеше дека не користи дрога, туку само ја препродава, бидејќи сме немале доволно пари. Му се заканив дека ќе го пријави во полиција доколку не престане, но повторно ми вети дека ќе престане. И тогаш знаев, но сега сум сосема сигурна дека на зависник од дрога не може да му се верува. Што и да вети сигурно нема да го исполни, бидејќи неговиот живот се врти околу дрогата. Кога матурираше, мојот сопруг го принуди да се пријави во војска и да не се враќа доколку мисли да продолжи по стариот пат. Без никаков приговор отиде во војска и како што ни тврдеше не користел никакво наркотично средство додека го отслужуваше воениот рок. Се врати 20 килограми потежок, се вработи и почна нормално да живее. Ние бевме пресреќни, веруваме дека се излечи.
Сепак, многу брзо потоа се врати назад во истиот свет, во светот на дрогата. Но, тоа повеќе не го криеше од нас. Изгледаше се полошо и полошо. И тогаш еден ден дојде да моли за помош од татко му и од мене.
Следување лечење….
– Се пријавивме во Институтот за зависници од наркотични средства. Одевме двапати неделно на разговори и во првите неколку месеци се беше во ред. Редовно го тестиравме, но не знаевме дека, наместо неговата урина ни подметнува нечија друга. Тестовите секогаш беа негативните но, тој се однесуваше многу чудно. Во една прилика неговиот татко го фати како се обидува да не измами. Тогаш повторно ни призна дека употребува дроги и одбиваше да се врати назад во Институтот. По не знам кој пат, ветуваше дека сам ќе го реши проблемот. Ситуацијата стануваше уште полоша и полоша. Мојот сопруг се обидувајќи се да пронајде најдобро решение наиде на една статија во врска со Центарот за советување за превенција од дрога и после долго убедување, Лука се одлучи да оди на интервју. Таму тој се сретна со поранешни зависници кои работеа како волонтери и им помагаа на зависниците од дрога. Целата атмосфера му се допадна и овој пат цврсто реши да започне со третманот. Денес Лука е сосема друг човек. Има свои планови за неговата иднина и неуморно работеше за да ги постигне.