Како да препознаете висок холестерол? Овие болки не се симптоми туку индиректни знаци дека проблемите се сериозни и дека треба итно да посетиме лекар!
Холестеролот е масна супстанца која донекаде потсетува на восок, се наоѓа во нашата крв и ни помага да изградиме здрави клетки.
На телото му треба холестерол за производство на хормони, но и витамин Д и други супстанци кои ни помагаат во важните биохемиски процеси.
Меѓутоа, кога е постојано висок, може толку многу да се акумулира во крвните садови што крвта станува сè потешко да помине низ артериите. Понекогаш некои од наслагите може наеднаш да се одвојат и да формираат згрутчување што предизвикува срцев или мозочен удар.
Само по себе, високиот холестерол не дава никакви симптоми и може да се открие само со тест на крвта. Сепак, секој кој има фактор на ризик или претходно измерен покачен холестерол треба да обрне внимание на ненадејни нарушувања како што се болка во градите или болка во долниот дел на ногата.
Болката во градите може да се појави од сосема безопасни причини, но може да биде и знак кој најавува инфаркт или некоја друга опасна по живот состојба. Особено ако е придружена со отежнато дишење, чувство на слабост или вртоглавица, оваа болка е знак дека треба итно да се јавите на лекар.
Грчевите во нозете, особено во листовите, укажуваат на друг проблем кој е потенцијално предизвикан од високиот холестерол. Станува збор за заболување на периферните артерии кај кои протокот на крв е значително забавен. Лошата циркулација може да биде и последица на дијабетес кој се уште не е откриен или притисок врз нервот поради промени во ‘рбетот. Затоа овие болки укажуваат на потреба од посета на лекар и проверка на нивото на холестерол во крвта што е можно поскоро, како и други параметри.