
За многу жени кои се грижат за својот изглед, шминката е рутина. Но, се случува во брзање да згрешат, да нанесат повеќе пудра, да претераат со моливот за веѓи или руменилото.
Оваа мала лекција за тоа како да се поправат грешките во шминкањето ќе биде корисна за оние кои штотуку почнале да се разубавуваат, но и за оние кои понекогаш не се задоволни од резултатот.
Пудра
Доколку имате сува кожа или не е хидрирана, пудрата на вашето лице сигурно нема да изгледа како што сакате. Пред да ја нанесете пудрата, треба да направите добар пилинг за да ги отстраните мртвите клетки од површината на кожата на лицето, а потоа добро да ја хидрирате кожата, за да биде доволно еластична и подготвена за пудрата.
Кармин
Не користете мат кармин во зима ако усните ви се суви и испукани бидејќи под него се уште позабележителни. Прво направете пилинг. Измешајте една лажица мед и малку кристален шеќер и со неа истријте ги усните. Изумрениот површински слој ќе биде отстранет. Дури потоа нанесете лабело, па ставете молив и кармин.

Маскара
Грешката што речиси сите жени ја прават со маскарата е кога ја вадат и враќаат четката за нанесување од шишето неколку пати при една употреба. На тој начин во маскарата влегува воздух, што придонесува таа побрзо да се исуши, па на четката се формираат грутки.
Контурирање
Контурирањето на лицето стана многу популарно во последно време. Ова е идеален чекор доколку сакате да скриете некои несовршености на лицето и да ги нагласите вашите силни страни, да го издолжите, стеснете или нагласите јаготките. Сепак, не треба премногу да си играте со хајлајтерите и бронзерите, бидејќи понекогаш контурите што се нанесуваат со нив ги менуваат цртите на лицето, па делувате вештачко.
Нагласување на веѓите
Најчеста грешка при нагласување на веѓите е изборот на моливот. Ако го земете оној кој е идентичен со бојата на веѓите, тие ќе бидат пренагласени. Затоа, одберете молив кој е за нијанса посветол за да го нагласите обликот на веѓите и истовремено да ги нагласите очите, бидејќи на тој начин ќе го задржите природниот изглед.