Денеска се одбележува седмиот роденден на принцезата Шарлот, ќерка на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, војводата и војвотката од Кембриџ.
Кејт традиционално ја фотографира ќерка ѝ во Норфолк и објавила фотографии од малата принцеза опкружена со цвеќиња. На една фотографија Шарлот среќно позира со својот миленик – кокер шпаниелот Игл. Тешко е да не се забележи дека девојчето се повеќе личи на нејзиниот татко, идниот крал принцот Вилијам.
Со текот на годините, принцезата прерасна во вистинска убавица, а од најмала возраст е подготвена да позира во семејни портрети со насмевка на лицето.
Шарлот во последно време двапати е видена со семејството. Во март таа беше со своите родители во Весминстерската опатија на комеморацијата на војводата од Единбург, а на Велигден беше на миса во црквата Свети Џорџ во Виндзор.
Шарлот Елизабет Дијана е средното од трите деца на Вилијам и Кејт. Нејзиниот помлад брат, принцот Луис, наполни четири години на 23 април, а принцот Џорџ ќе го прослави деветтиот роденден во јули. Шарлот е четврта наследничка на круната по ред, по принцовите Чарлс, Вилијам и нејзиниот брат Џорџ.
Деновиве војводите од Кембриџ прославија дури два пати. Покрај роденденот на принцезата, тие имаа и 11-годишнина од бракот на Вилијам и Кејт.
Интересно е тоа што секоја година за родендените на нејзините деца, Кејт објавува свои фотографии. Оваа традиција ја започна со својот првороден син Џорџ, а отсекогаш воодушевувала со своите преслатки фотографии. Според Би-Би-Си, војвотката од Кембриџ е страстен аматерски фотограф и покровител на Кралското фотографско друштво.