
За да можете да се соблечете кога сакате, без сите околу вас да се онесвестат, следете неколку препораки
Вода, сапун, дезодоранс
Правило број еден: редовно мијте ги нозете! Ова секако се зема здраво за готово, но за некои луѓе не е доволно само навечер. Доколку е потребно, мијте ги нозете три пати на ден. Исто како што ставате дезодоранс (антиперспирант) под пазувите после туширање, истото направете го и со стапалата.
Почестете ги вашите стапала со освежителни купки неколку пати неделно (можеби и почесто). Против прекумерното потење земете лажица камилица, ѓумбир, сладунец, оригано и жалфија и прелијте со литар и половина зовриена вода. Покријте и почекајте 30 минути, а потоа процедете и истурете во леген. Потопете ги стапалата во купката и држете ги околу дваесет минути.
А можете да направите лосион од жалфија. 50 грама листови жалфија прелијте ги со 300 мл 70% алкохол. Добро протресете и затворете, па оставете 14 дена на темно место. Процедете го во чисто шише и додадете 60 капки масло од чајно дрво. Нанесете го овој лосион на добро измиени и исушени стапала секоја вечер пред спиење.
Два фронта
Чистите и миризливи стапала нема да вредат многу доколку не се грижите за чевлите. Најважното правило е да носите еден пар најмногу три дена! Исто така, еден од триковите кои можат да ви помогнат е да носите памучни влошки кои можете да ги перете во машина и често (секојдневно) да ги менувате.
Сода бикарбона е еден од најефикасните и наједноставните рецепти против габите. Истурете една кафена лажичка сода во сите ваши обувки (чевли, патики…), протресете и оставете да отстои преку ноќ. Наутро добро протресете ги чевлите, а навечер постапката повторете ја. На сличен начин можете да користите бебешка пудра. Во текот на ноќта можете да оставите неколку листови жалфија и лаванда во чевлите, како и кора од портокал, лимон и грејпфрут.