Ако треба да ги именувате некои од најголемите и најпознатите музеи во светот, францускиот музеј Лувр (Musee de Louvre) дефинитивно ќе се најде на вашата листа. И кога би наброиле некои од најпознатите дела во него, сигурно повеќето веднаш би помислиле на Мона Лиза, Венера од Мило или Крилеста победа, позната и како Ника од Самотракија.
Лувр е дом на навистина неверојатни уметнички и историски дела, па еве неколку интересни факти што треба да ги имате на ум пред да го посетите музејот.
Музејот првично бил изграден како одбранбена тврдина за време на британската инвазија во времето на кралот Филип во 1190 година, а потоа бил наречен и средновековен Лувр. За жал, оваа зграда била урната, па во 1546 година Франциско I започнал со процесот на изградба на палата која потоа била проширена од сите француски монарси по него.
Пирамидата на Лувр, тој гигант од стакло-метал, е дизајнирана од И. М. Пеи користејќи ги точните мерења на пирамидите во Гиза. Сепак, она што многумина не го знаат е дека во Лувр има дури пет пирамиди. Три помали пирамиди ја опкружуваат главната пирамида за да обезбедат светлосни отвори за музејската колекција. Петтата пирамида е т.н Превртена пирамида, т.е. висечка пирамида поставена наопаку, видлива под земјата.
Некои веруваат дека Лувр е опседнат. Најпознатото и најозлогласеното привидение е она на Жан Екоршер, познат како Црвениот човек од Туилери. Кралицата Катерина де Медичи го искористила за да се ослободи од своите непријатели, но на крајот се исплашила дека тој знае премногу тајни и така го убила и него. Денеска се вели дека талка по ходниците облечен во црвено – дури и самиот Наполеон тврдел дека го видел.
Во Лувр има и училиште: Ecole du Louvre е место за високо образование, основано во 1882 година. Во училиштето се сместени една од најголемите колекции за историја на уметност и археологија достапна за студентите и академиците. Меѓу другото, нуди курсеви за историја на уметност, археологија, антропологија и историја на цивилизациите.
Од 2016 година, Абу Даби стана дестинација за вториот музеј Лувр, со договор меѓу Обединетите Арапски Емирати и Франција кој им дозволува да го користат истото име до 2037 година. Музејот не е ни сличен на Лувр во Париз, но ќе биде место на еден од најголемите музеи и уметнички збирки во арапскиот регион.