
Експертите објаснија дали ретинолот и витаминот Ц треба да се користат заедно
Витаминот Ц и ретинолот се популарни производи за нега на кожата, особено кај оние кои сакаат да ги намалат темните дамки и појавата на брчки. Покрај позитивните ефекти, многумина сè уште ги мачи едно важно прашање: дали ретинолот и витаминот Ц можат да се користат заедно?
Некои водечки дерматолози им објаснија на странските медиуми дека нема проблем со користење на ретинол и витамин Ц во рутината за нега на кожата. Некои дерматолози ја нарекуваат „моќна комбинација“, особено кога станува збор за анти-стареењето. Сепак, она на што треба да внимавате е кога користите витамин Ц и ретинол заедно. За да се избегне потенцијалниот ризик од иритација, дерматолозите не препорачуваат нивна употреба во иста рутина, наместо тоа, витамин Ц се препорачува наутро, a ретинол навечер.
Некои дерматолози велат и дека производите треба да се внесуваат во рутината еден по еден, односно додека кожата не се навикне и додека не видите дека нема да предизвика иритација. Употребата на ретинол и витамин Ц може да резултира со помазна и посветла кожа. Витаминот Ц го поддржува производството на колаген, а ретинолот ги регенерира клетките на кожата и го стимулира колагенот. Двете состојки ја намалуваат пигментацијата.
Ако одлучите да ги користите двете моќни состојки во вашата рутина за нега на кожата, иритацијата е најчестиот несакан ефект со кој може да се сретнете, особено ако не ги разделите во две рутини, како што препорачуваат дерматолозите, туку ги нанесувате во слоеви. Дерматолозите истакнаа дека производите со витамин Ц можат многу да се разликуваат по квалитет, па затоа е важно внимателно да го проучите и истражите производот, а не да го купувате првиот на кој ќе наидете додека „скролувате“ на социјалните мрежи. Тие наведуваат дека е производ во кој вреди да се инвестира, а за чувствителна кожа советуваат витамин Ц со помала концентрација, на пример 5-10%.
Заклучок?
Можете да ги користите ретинолот и витаминот Ц во вашата рутина за нега на кожата, но подобро е да ги „разделите“, односно да не ги користите истовремено, доколку сакате да избегнете иритација на кожата. Размислете за примена на ретинол навечер и витамин Ц наутро. Двете состојки можат да помогнат во „подмладување“ на кожата со подобрување на текстурата и тонусот на кожата, намалување на фините линии, осветлување на темните дамки и давајќи ѝ сјај на кожата.