Освен што е атрактивен, овој локалитет е значаен и поради тоа што содржи најмногу остатоци од набатејската култура после, погодувате, Петра во Јордан…
Мадаин Салих т.е. Градот на Салех е археолошки локалитет во северозападна Саудиска Арабија, „само“ четири часа оддалечен од Медина (но со арапското возење за кратко време ќе бидете таму). Тоа е едно од најголемите богатства на Саудиска Арабија, кое допрва треба да добие светска слава.
Понекогаш го нарекуваат Хегро, Каменото место, но и втора Петра. Се простира на 60 хектари, а она што е видливо е само мал дел. Најголемото богатство лежи закопано под земјата и во карпите.
Тука се зачувани монументални гробници врежани во карпите, а кога ќе се додадат на помалите ги има дури 2.000. Најголемите мавзолеи се ископани во карпи на четири ката. Но, додека во Петра гробниците се ископани од масивни карпи, овде изгледаат како да изникнале поединечно среде ништо, надвор од земјата. Најголемата гробница е висока 16 метри и всушност никогаш не била завршена.
Богатство сред ништо
Освен што е атрактивен, овој локалитет е значаен и затоа што содржи најмногу остатоци од набатејската култура после, погодувате, Петра во Јордан. Тие владееле со оваа област околу 300 години додека не биле поразени од Римјаните.
Иако овој археолошки комплекс се наоѓа во пустинска област без знаци на живот, ќе ве изненади. Во областа има околу 130 бунари бидејќи всушност има одржливи извори на вода и почва погодна за земјоделство. Во првиот век п.н.е., местото било обраснато со зеленило и растенија, а Набатејците овде одгледувале добиток.
Бидејќи градот се наоѓал на раскрсницата на трговските патишта, каде што се среќавале различни култури, тоа се одразувало и во мотивите со кои биле украсени ѕидовите. Малку подобри познавачи ќе ги препознаат типичните стилски мотиви што ги користеле Асирците, Феникијците, Египќаните, Персијците, Римјаните и Грците. Ако се погледнат врежаните цртежи и симболи на гробниците, лесно може да се препознае колку погребаната личност била важна за тогашното општество, т.е. во колкаво богатство уживала.
Долг пат до очите на светот
Долго време луѓето се плашеле од камениот град бидејќи во религиозните текстови бил опишан како место каде што Бог ги казнувал луѓето за идолопоклонство. Поради ова некои го сметале за проколнат.
Но, со текот на времето се преземале мерки за да се отвори кон светот и да се промовира како туристичка дестинација. Државата го заштитила со закон уште во 1972 година (имајте на ум дека Саудиска Арабија е сè уште многу млада земја), а бил вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО во 2008 година.
Денес е веќе познат во светот, но ако се најдете овде, нема да видите други туристи. Има многу причини: од фактот дека во Саудиска Арабија не е многу лесно да се влезе туристички до веќе споменатото верување за несреќната природа на местото. Па, кој го сака целиот комплекс за себе – бујрум!