Градот Кеми во Лапонија, во близина на Арктичкиот круг, секоја зима може да се пофали со најголемиот снежен замок во светот. Иако во Финска паѓа многу снег, мештаните на Кеми користат снежни топови за да ја подигнат оваа монументална градба.
Неговата изградба на брегот на Ботнскиот залив обично трае околу пет недели. Во последните 15 години, замокот се простира на 13.000 до 20.000 квадратни метри, а неговите ѕидови достигнуваа висина од четири метри.
Замокот изгледа различно секоја година, иако комплексот секогаш вклучува некои од истите објекти, како што се леден хотел, ресторан и капела која стана популарно место за бракови. Парови од целиот свет доаѓаат овде да го кажат своето судбоносно да, особено оние од Јапонија и Хонг Конг.
По венчавката, можете да јадете оброк на ледена маса во снежен ресторан, а потоа да ја поминете ноќта во посебен апартман за младенците во ледениот хотел. Комплексот е украсен со различни скулптури од снег и мраз, но и со прекрасни светла кои му даваат бајковит изглед.
Замокот првпат бил изграден во 1995 година како подарок од УНИЦЕФ, а со текот на времето заедницата ја презела задачата да го изгради. Снежната палата во Кеми стана дел од зимската традиција кај локалното население, како и нејзиното исчезнување. Имено, кога температурите почнуваат да растат со првите зраци на пролетното сонце, целиот комплекс се топи.
Како изгледал замокот во претходните години, погледнете подолу.