Таканаречениот Колорадо Провансал во јужна Франција може да му парира на попознатиот американски Колорадо, барем кога станува збор за панорамите, пејзажите и природните убавини.
Поранешниот каменолом и рудникот сега е дом на бескрајни стрмни карпи во нијанси на црвена, портокалова и жолта, особено магични во самрак. Тешко е да се поверува дека вакво нешто е среде никаде, чудо за кое многумина никогаш не ни слушнале: Rustrel.
Прошетка низ пустошот на кањонот ги остава посетителите без здив со секој нов чекор. Чудото на природата зафаќа повеќе од 100 хектари, а големото количество окер во почвата ги обликувало жолтите и црвените карпести формации низ вековите.
Една стара легенда вели дека црвеникавата боја на почвата доаѓа од сопругата на кралот Русијон. Да, звучи чудно, но почекајте го остатокот од приказната. За време на нивното владеење, имало гласини дека сопругата на кралот била заљубена во локален трубадур. Какво понижување за кралот!
Кралот толку се налутил што го натерал трубадурот да биде убиен и ѝ го послужил на сопствената жена за вечера. Откако вечерала, кралицата ја дознала вистината. Шокирана, тажна и огорчена се фрлила од карпа, а крвта и течела по карпите во Колорадо Провансал.
Но, да се фатиме за реалноста. Пореална верзија вели дека кањонот и остатокот од јужна Франција некогаш биле покриени од морето. По 150 милиони години и временските промени и ерозијата што ја донеле со себе, мешавина од песок и глина останала на суво тло. Сето ова се спакувало во импресивни формации создадени со долгорочно преклопување на бранови и школки. Кога морето се повлекло, односно пресушило, во земјата останале големи дупки, кои денес ги знаеме како кањонот Рустрел.
Сепак, тоа е многу кревок и чувствителен дел од природата кој лесно може да се оштети. Затоа, за време на вашиот престој овде, најважно е да се држите до фактот дека не треба да оставате други траги освен вашите отпечатоци. За време на обиколката, а и заради сопствена безбедност, потребно е да се придржувате до обележаната патека.
Најпознатата патека се вика Сахара и е долга два километри. Води околу најубавите карпести формации, а воедно е и најкратката и најлесната опција. За оние кои сакаат малку повеќе предизвик, постои т.н Портокалова Сахара, долга четири километри. Исто така, нуди поглед на старите рудници и прекрасен панорамски поглед на целиот кањон Рустрел.