Хотелот Joule во центарот на деловната област во Далас, во американската држава Тексас стана туристичка атракција меѓу странците, но и локалните жители. Причината се крие во необичната положба на застаклениот базен, кој се наоѓа на 10-ти кат од зградата.
Тој штрчи приближно 2,5 метри од останатиот дел од зградата и изгледа како да виси над прометната улица. Похрабрите ќе допливаат до крајот на базенот, ќе погледнат надолу и ќе се чувствуваат како да лебдат над врелиот асфалт.
Базенот е вистинска мала сина оаза во средината на бетонската џунгла во Далас. Затоа не е чудно што се етаблира како популарно место за состаноци во летните месеци за гостите на хотелот, но и за жителите на Далас кои имаат можност да платат дневен билет од 50 долари за да уживаат во неговата привлечност.
The Joule е луксузен хотел со 161 соба именуван по единицата за мерење на енергија (џул). Дизајнерот Адам Д. Тихани го уредил на модерен начин во неоготска зграда од 1920-тите. Тој е полн со интересни уметнички дела, вклучувајќи неколку дела на Енди Ворхол.
Покрај необичниот базен, вниманието на посетителите го привлекува и необичното уметничко дело сместено пред зградата – девет метри висока скулптура на око од Тони Тасет.