Иако кај нас не постои таков закон, во некои европски земји може да бидете казнети поради носење несоодветна облека додека возите.
На пример, во Велика Британија ризикувате казна од 100 фунти (116 евра) ако носите несоодветна облека што ве ограничува во правилното маневрирање. Доколку направите сообраќаен прекршок во таква облека што ќе заврши на суд, казната може да достигне до 5.000 фунти (5.800 евра) и забрана за возење, пишува CarMoney.
Тоа е затоа што делот 97 од Законот за патен сообраќај на Обединетото Кралство вели дека „облеката и обувките што ги избирате додека возите не смеат да ве спречат да ги користите контролите на правилен начин“.
Значи, постојат седум вообичаени парчиња облека што многумина ги носат додека возат, а кои всушност може да ве изложат на ризик да го прекршите законот и да добиете голема парична казна.
1. Долго здолниште или фустан
Макси фустаните и здолништата се актуелни, но кога станува збор за носење ваков тип на облека додека возите може да се соочите со парична казна. Материјалот може да се заглави под педалите или да ја ограничи вашата употреба на педалите, што може да биде опасно.
2. Многу широки фармерки
Од истата причина како погоре, ако фармерките ви се премногу широки, веројатно нема да бидат соодветни за возење, што значи дека може да добиете парична казна.
3. Апостолки
Илјадници возачи секоја година седат зад воланот со апостолки, но колку се тие безбедни? Чевлите со тенок ѓон, со дебелина помала од 10 mm, се класифицирани како небезбедни за возење. Запомнете, апостолките се за на плажа, а не за возачкото седиште.
4. Високи потпетици
Вашите обувки не треба да го ограничуваат движењето на глуждот. Аластер Гриер, директор на CarMoney, вели: „Ако планирате да возите некаде каде што има код за облекување, ви препорачуваме да понесете разумни чевли за возење“.
Според RAC, 40% од жените признале дека возат на високи потпетици. Иако изгледаат модерно, високите потпетици едноставно не се практични за педали.
5. Папучи
Ако вашите влечки се отворени, голема е веројатноста дека нема да бидат безбедни за возење бидејќи стапалата веројатно ќе ви се лизгаат додека притискате. Аластер додаде: „Ако вашите чевли не обезбедуваат доволно стисок за да го спречат вашето стапало да се лизне од педалите, тогаш тие се класифицирани како небезбедни“.
Носењето влечки надвор од дома е во секој случај многу сомнително, па најдобро е да ги чувате таму.
6. Големи чизми
Иако на прв поглед би изгледале добро, сите обожаватели на Др. Мартен чизмите или градежните работници со чизми со дебел ѓон треба да размислат за возење во нив.
„Обувките за возење треба да бидат доволно тесни за да не можат случајно да допрат две педали одеднаш“, рече Аластер.
7. Очила за сонце
Во зависност од леќите на вашите очила за сонце, тие всушност може да бидат премногу темни за безбедно возење, според АА. На вашиот периферен вид може да влијае и носењето очила за сонце додека возите бидејќи рамките го блокираат вашиот вид.
Штитниците за сонце се измислени со самата цел да ви дадат јасен поглед на патот во сончев ден, па затоа е најдобро да ги користите кога е потребно.
Совет што треба да запомните да останете безбедни е следниот:
– Секогаш имајте при рака практичен пар чевли за да можете безбедно да возите.
– Имајте резервна облека ако вашата моментална облека спаѓа во некоја од нашите седум категории.
– Користете го вашиот здрав разум: ако она што го носите ви го прави возењето непријатно, тоа е веројатно знак дека треба да се преоблечете во нешто попрактично.
Исто така, важно е да се напомене дека ова се само седум примери на облека што може да ви пречат додека возите, но листата не е исцрпна.