
Познатиот епидемиолог не верува во таканаречената суперхрана, но вели дека доколку бил меѓу поборниците на теоријата за суперхрана, дефинитивно би ја вклучил и оваа!
Сè почесто читаме за суперхрана, храна која има исклучителни здравствени придобивки, па затоа експертите препорачуваат таа да биде што е можно позастапена во нашата секојдневна исхрана.
Најчести примери за суперхрана се зелениот лиснат зеленчук, јаткастите плодови и бобинките, а еден од најзанемарените, но многу моќни е маслиновото масло.
Иако многу експерти се скептични во врска со маркетиншкиот термин „суперхрана“, за кој истакнуваат дека не постои бидејќи ниедна храна не е магично стапче што ќе ги излечи здравствените проблеми, нема сомнение за употребата на маслиновото масло. Се покажа како корисно и е една од најздравите опции.
– Ако верував во „суперхрана“, маслиновото масло би било меѓу нив. Иако нè учеле да се плашиме од масло и масти, истражувањата покажуваат дека исхраната богата со екстра девствено маслиново масло е поврзана со намален ризик од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и рак – еднаш истакна на Инстаграм британскиот епидемиолог д-р Тим Спектор од Кингс колеџ во Лондон.
Сите здравствени придобивки од маслиновото масло
Маслиновото масло има навистина извонреден нутритивен профил. Иако една лажица, или околу 15 мл, има 120 калории, содржи 14 г вкупни масти, од кои 10 г се мононезаситени масти и нема холестерол!
Богато е со витамин Е, кој делува како антиоксиданс, а доминантна масна киселина во неговиот состав е мононезаситената олеинска киселина, за која истражувањата покажаа дека има антиканцерогени и антиинфламаторни ефекти. Исто така, содржи моќен и лесно достапен витамин К, кој е корисен за правилно згрутчување на крвта, одржување на густината на коските и кардиоваскуларното здравје со насочување на калциумот во коските наместо во артериите.

Маслиновото масло содржи и органски соединенија олеокантал и олеуропеин, кои имаат антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти. Поради сето ова, тоа е одлична превенција од дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, дебелина…
Студија спроведена во 2014 година покажа дека консумирањето маслиново масло може да помогне при запек, односно ретка и сува столица придружена со напрегање и чувство на нецелосно празнење.
За време на четиринеделна студија, педесет пациенти на хемодијализа пиеле по една лажичка маслиново масло дневно, а нивната столица значително омекнала по тој период. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се утврди точната поврзаност.