
Американската компанија Apple е во завршна фаза од развојот на безжични слушалки AirPods со вградени камери, кои треба да овозможат напредни функции базирани на вештачка интелигенција, објавува Bloomberg.
Според извори запознаени со проектот, развојот на уредот влезе во фаза во која прототипите се веќе блиску до конечниот дизајн и функционалност.
Според планот, новите слушалки би користеле мали камери со ниска резолуција кои би го „набљудувале“ просторот околу корисникот и би испраќале визуелни информации до системот за вештачка интелигенција, вклучувајќи го и дигиталниот асистент Siri.
Камерите нема да се користат за снимање фотографии или видеа.
Уредот треба да личи на следната генерација модели AirPods Pro, а камерите би биле сместени во обете слушалки, овозможувајќи просторна анализа на околината во реално време.
Проектот беше планиран за порано лансирање, но беше одложен поради доцнења во развојот на подобрена верзија на асистентот Siri.
Apple смета дека новиот производ ќе го прошири успехот на своите постоечки AirPods и дополнително ќе ја зајакне позицијата на компанијата во областа на уреди со интегрирана вештачка интелигенција, каде што се соочува со конкуренција од компании како OpenAI и Meta.
Bloomberg известува дека Apple потрошил рекордна сума пари за истражување и развој во последниот квартал – повеќе од 11 милијарди долари.