Лени Кравиц од време на време си живее во приколка на плажа на Бахамите.
47-годишниот пејач вели дека едниствено на островот Елеутера, кој е родно место на неговата мајка, се чувствува како дома. Додека престојувал таму црпел инспирација за новиот албум „Black and White America“.
„На тоа место ми е срцето. Одам таму често уште од кога имав 5 години, а живеев таму последниве две години“, кажува Лени, кој неодамна ја продаде куќата во Њујорк и постојаниот дом во моментов му е во Париз.
„Живеам во приколка на плажа. Со мене имам и куче, лежалка спрострена помеѓу две дрва и еден џип што го купив откако излезе мојот прв албум. Се будам ноќе и слушам музика, ја слушам како поминува низ дрвјата и по улиците. Тоа ја буди креативноста во мене“.
Лени, чијшто татко е Евреин, во детството немал никакви комплекси што е мешана раса. Сепак, бил шокиран од реакцијата на луѓето кога ја започнал музичката кариера.
„Имав совршено и здраво детство полно со искуства. Но, кога зачекорив во музичките води, секогаш ми велеа дека не сум ни доволно црн, ни доволно бел за да припаѓам на било која категорија. Тоа ми беше интересно“, се сеќава Кравиц.
„Јас не сум само едно, и многу од нас не се само едно“.