
Судска одлука во Калифорнија ја отстрани последната пречка за „Paramount Skydance“ да ја преземе „Warner Bros. Discovery“ во договор вреден 110 милијарди долари.
Судија од Калифорнија одобри спогодба меѓу „Paramount Skydance“ и сојузната држава Калифорнија (како и други држави), со што се отвори патот за финализирање на преземањето на „Warner Bros. Discovery“ вредно 110 милијарди долари.
Спојувањето ќе ги обедини „CBS News“ и „CNN“, „HBO Max“ и „Paramount+“, како и филмските студија „Warner Bros.“ и „Paramount Pictures“, објави NBC.
Компаниите соопштија дека очекуваат трансакцијата да биде завршена на 6 октомври. Дејвид Елисон, извршен директор и мнозински акционер на „Paramount Skydance“, објави дека извршниот директор на „Mattel“, Инон Крајз, ќе стане ко-извршен директор на споената компанија.

Крајз ќе ѝ се приклучи на компанијата на 5 октомври. Договорот претходно беше одобрен од Министерството за правда на САД, Европската комисија и десетици други земји, но неговото финализирање беше одложено поради тужба поднесена од јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта. Обвинителите изразија загриженост дека спојувањето ќе ја намали конкуренцијата и ќе ја загрози уредувачката независност на „CNN“. Според спогодбата постигната на 21 септември, споената компанија мора да издава најмалку 30 филмови годишно и да формира уредувачки одбор кој ќе ги надгледува „CNN“ и „CBS News“.
Компанијата исто така се обврза да инвестира повеќе од 1 милијарда долари во филмска продукција и обука на работната сила во САД. Акциите на „Paramount Skydance“ и „Warner Bros. Discovery“ ја завршија трговијата близу до своите дневни максимуми по објавувањето на одлуката. Акциите на „Paramount“ паднаа за повеќе од 20 проценти од почетокот на годината. За потсетување, американскиот сервис за стриминг „Netflix“ во февруари се откажа од обидот да ја преземе компанијата „Warner Bros. Discovery“ (WBD).