
Започна грејната сезона, а со неа и прашањето: колку да се загрева домот во студените денови – за да биде топол и здрав, а притоа сметките за енергија да не станат превисоки? Одговорот зависи од конкретната просторија и од луѓето што живеат во домот.
Во своите насоки за домување и здравје, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува температурата во затворените простории да биде доволно висока за да ги заштити станарите од штетните ефекти на студот. За земјите со умерена или постудена клима, таа наведува 18 степени Целзиусови како безбедна и урамнотежена температура. Ова претставува долна граница за здрави возрасни лица, додека за постарите лица, малите деца и лицата со хронични болести може да бидат потребни повисоки температури.
Според СЗО, студените услови за живеење се поврзани со погочеста појава на респираторни и други здравствени проблеми; поради тоа, организацијата ја класифицира оваа препорака како „силна“.
Секоја просторија има своја идеална температура
Германската федерална агенција за животна средина (Umweltbundesamt) дава попрецизни препораки за поединечните простории. Таа сугерира дека 20 степени се доволни за дневните и детските соби, 18 степени за кујната, а 17 степени за спалните соби.
На повеќето термостатски вентили на радијаторите, средната поставка – обично означена со бројот 3 – одговара на температура од приближно 20 степени.
Агенцијата, исто така, предупредува против претерани обиди за заштеда на енергија. Ако домот стане премногу ладен, нивото на влажност се зголемува, што го зголемува ризикот од појава на мувла. Понатаму, се советува да не се загрева една просторија со топол воздух од друга, преку оставање отворена врата кон постудена просторија.
Секој степен помалку значи заштеда на енергија
Според истата агенција, за секој степен повисока температура во просторијата е потребна околу шест отсто повеќе енергија за греење. Со намалување на температурата од 22 на 20 степени, потрошувачката се намалува за приближно 12 отсто.
Во текот на ноќта, топлината се губи и преку прозорците. Спуштените ролетни или повлечените завеси можат да ги намалат овие загуби за околу 20 отсто.
Како да се проветрува
Прозорецот што е „широко“ отворен предизвикува губење на топлина во текот на целиот ден, а воздухот не се освежува доволно. Затоа, Umweltbundesamt препорачува интензивно проветрување: неколку пати во текот на денот ширум отворете ги прозорците на пет до десет минути, а за тоа време исклучете го радијаторот.
Колку е попросторијата постудена, толку почесто треба да се проветрува, бидејќи постудениот воздух може да апсорбира помалку влага. Во станови со слаба изолација, влажноста на воздухот за време на грејната сезона треба да биде под 50 проценти.