
Британската актерка Џуди Денч (91) откри дека, поради состојба со очите, повеќе не може да настапува на сцена, да глуми во филмови, ниту пак да чита – повеќе од една деценија откако ѝ била дијагностицирана болеста.
Во неодамнешното интервју за програмата „Today“ на BBC Radio 4, во разговор со водителката Ема Барнет, таа потврди дека нејзината актерска кариера е завршена.
„Не можам да бидам на сцена. Веќе не можам да играм во претстави. Веќе не можам да снимам филмови. Веќе не можам да читам“, изјави 91-годишната актерка за време на разговорот со Ема Барнет во утринската емисија „Today“ на BBC Radio 4.
Џуди Денч боледува од макуларна дегенерација поврзана со стареењето. Оваа состојба на очите, која го уништува централниот вид, ѝ била дијагностицирана во 2012 година. Денес, таа има потешкотии дури и да препознае лица.
Таа низ шега раскажа дека, како резултат на тоа, понекогаш им приоѓа на погрешни луѓе и „речиси ги прегрнува“ пред да сфати дека се работи за непознати лица.
На прашањето дали има некакви предности во стареењето, таа одговори дека нема ништо добро во тоа и дека се обидува премногу да не размислува за тоа.
Актерката зборуваше за BBC по повод објавувањето на нејзината книга „Is It Too Late to Make a Run for It?“ („Дали е предоцна за бегство?“), која ја напиша заедно со театарскиот режисер и близок пријател Брендан О’Хеа.
Таа со години отворено зборува за губењето на видот. Уште во 2023 година изјави дека учењето текст ѝ станало невозможно, а минатата година, во интервју со нејзиниот колега Ијан Меккелен, призна дека веќе не ги препознава луѓето и не може да гледа телевизија.
Џуди Денч е една од најпочитуваните британски актерки, со кариера што трае повеќе од седум децении во театарот, телевизијата и филмот. Во 1999 година го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога за ликот на кралицата Елизабета I во филмот „Вљубениот Шекспир“ (Shakespeare in Love).
На пошироката публика ѝ е позната и како М, шефицата на Џејмс Бонд. Таа ја одигра таа улога за првпат во филмот „Златно око“ во 1995 година, како прва жена во таа улога.