
Амал Клуни славна личност која оваа есен го прифати трендот на „природни розови нокти“.
На настанот „The Albies“ – организиран од Фондацијата „Клуни“ за правда (Clooney Foundation for Justice) – таа се појави со нов, високосјаен маникир, познат како „свилени нокти“ (silk nails).
Појавувањето на оваа меѓународна адвокатка за човекови права дополнително потврдува дека најбараниот тренд во светот на убавината во моментов е уреден, елегантен маникир кој изгледа здраво и негувано. Се одликува со кратки нокти, суптилна боја и завршен слој со висок сјај што рефлектира светлина.
Иако овој стил беше исклучително популарен на црвениот тепих во текот на летото – при што Ен Хатавеј, Памела Андерсон и Хејли Бибер покажаа свои верзии на овој минималистички изглед – трендот не згаснува со доаѓањето на есента. Напротив, тој еволуира за да стане уште посуптилен. „Свилените нокти“ претставуваат најдискретната верзија на овој тренд досега.

Елеганција
Овој нежен маникир потсетува на свиленкастата естетика на балерина и претставува совршен пример за ненаметлива елеганција. Ноктите имаат благ, здрав сјај и нежно заоблена форма, поради што никогаш не изгледаат вештачки или претерано нагласени. Како такви, тие се идеални за оние кои сакаат да ги истакнат своите природни нокти, наместо целосно да ги променат.
Најголемата предност на овој тренд е тоа што ноктите можат природно да растат, а маникирот сепак да изгледа уредно. Покрај тоа, овој изглед лесно може да се постигне и дома – особено ако претпочитате класичен, негуван маникир, пренесува Elle. За верзијата што можете да ја направите дома, едноставно нанесете два слоја проѕирен лак во нежно розова нијанса за да добиете природен изглед со благ интензитет на бојата. На крајот, нанесете завршен слој (топ-лак) со ефект на гел за дополнителен сјај.