
Стиви Вондер бара дозвола од суд во Калифорнија за иселување на жена која речиси четири децении живеела во еден од неговите домови во Калифорнија, без да плаќа кирија.
76-годишниот музичар – роден како Стивланд Хардавеј Морис – побарал од судот да нареди Кармен Џеферсон да го напушти домот во Лос Анџелес. Ова се наведува во тужбата поднесена до Вишиот суд во Лос Анџелес во четвртокот, 22 октомври, до која дојде магазинот People.
Џеферсон е поранешна свршеница на пејачот, објави “Rolling Stone“.
Во тужбата се наведува дека Вондер и Џеферсон имале усмен договор со кој ѝ било дозволено таа да живее во домот, почнувајќи од 1988 година. Сепак, ова лето настанал конфликт кога адвокатите на Вондер ја известиле станарката дека таа треба да овозможи пристап за инспектори од осигурителна компанија.
Во е-порака од 23 јули, приложена кон судските документи, се наведува дека Џеферсон била известена оти инспектор за осигурување ќе дојде на имотот на 30 јули за да „изврши увид со цел одржување на осигурителното покритие за имотот“, стои во документот што го разгледа “People“.
Во тужбата се наведува дека Џеферсон одговорила на е-пораката два дена подоцна, одбивајќи да го исполни барањето. Таа им кажала на адвокатите дека се чувствува „вознемирено“ и дека „не дава согласност“ за инспекцијата. „Немате моја дозвола да стапнете на имотот од која било причина. Ако вие или кои било други претставници се обидете да влезете во мојот дом или на имотот без овластување, веднаш ќе повикам полиција“, напишала таа во дополнителна е-порака до адвокатите на Вондер, според поднесениот документ.
Во документацијата се наведува дека следниот ден ѝ било врачено известување со рок од 30 дена да го напушти имотот, но таа не го сторила тоа. Понатаму се тврди дека нејзиното натамошно задржување на имотот е „злонамерно“.
Во тужбата, адвокатите на Вондер бараат „раскинување“ на усмениот договор со кој на Џеферсон ѝ било дозволено да живее таму, како и надомест за „разумни адвокатски трошоци“ и законски предвидена отштета што произлегува од злонамерното задржување на домот.