
Прстенот во тоалетната школка најчесто се појавува поради тврда вода, но причинители можат да бидат и бактерии, мувла или ‘рѓа. Начинот на отстранување зависи од основната причина; ако прстенот постојано се враќа и покрај редовното чистење, веројатно користите погрешен пристап.
Одржувањето на тоалетната школка не е лесна задача. Во скриените агли околу основата можат да се насоберат влакна и нечистотија, а дури и по вложување значителен труд за школката да блесне, упорниот прстен често повторно се појавува. Постои конкретна причина зошто се случува ова, дури и кога чистите редовно.
Најчеста причина е тврдата вода, но проблемот може да се должи и на бактерии, мувла, ‘рѓа или дефект во самиот тоалет. Ситуацијата дополнително се влошува кога тоалетот не се пушта (не се исплакнува) доволно често, пренесува Real Simple.
„Подземните води содржат калциум и магнезиум; кога водата испарува на линијата на нивото на водата во школката, овие минерали остануваат и се таложат во вид на прстен што наликува на креда“, објаснува експертот за водоводни инсталации, Морган Бак.
Таа додава дека во многу области, ова е единствената причина. Сепак, прстенот често се појавува дури и во места каде што има мека вода. Во такви случаи, тој обично е предизвикан од бактерии или мувла на линијата на водата, ‘рѓа од стари цевки или проблем со самиот тоалет. Понекогаш станува збор за комбинација од овие фактори, а Бак напоменува дека појавата на прстен во тоалетната школка е исклучително честа појава.
„Често доаѓаме да поправиме некој друг проблем во тоалетот, а сопствениците на крајот се извинуваат поради присуството на тој прстен“, вели Бак. Најдобриот начин за отстранување на прстенот зависи од неговата причина. Минералните наслаги обично се бели, кафеавкасти или сиви на боја, груби или тврди како кора, а се наоѓаат точно на нивото на водата, бидејќи токму таму водата испарува. Тие се честа појава кај тврдата вода или водата од бунар.
„Бигорот е минерал, па затоа е потребна киселина за да се раствори – на пример, бел оцет или раствор на база на лимонска киселина, кој треба да се остави да делува одредено време“, вели Бак.
Професионалката за чистење, Џорџет Минц, наведува дека упорните наслаги од бигор може да се отстранат со стругање со камен за петици (пумис камен). Бактериите најчесто се појавуваат како розов или портокалов прстен, кој е малку лигав на допир. Според Бак, обично станува збор за бактеријата Serratia marcescens, која доаѓа од воздухот, а не од водата, а влажните бањи се погодна средина за нејзин развој. За нејзино отстранување е потребно средство за дезинфекција, како што е белилото; домашните средства, на пример оцетот, нема да бидат толку ефикасни.
Мувлата се појавува како сив или црн прстен и обично се отстранува многу лесно со бришење. И во овој случај е потребно средство за дезинфекција, како белило, а се препорачува и редовно пуштање на водата, особено во бањите што се користат поретко. ‘Рѓата, која најчесто се јавува поради присуство на железо, се појавува како портокалова или кафеава дамка. Таа е почеста кај водата што доаѓа од бунари или од стари галванизирани цевки.
„Ако се појави во секој мијалник и када во куќата, причината веројатно лежи во водоводниот систем или во цевките. За отстранување на дамките од железо, користете производ наменет за чистење ‘рѓа; ако проблемот е присутен на сите санитарии во бањата, проверете ги доводните цевки или бунарот“, објаснува Бак.
Без оглед на причината, Минц препорачува редовен распоред за чистење. При чистење на тоалетната школка, обрнете внимание на сите нејзини делови – вклучително и на долната страна на работ од каде што истекува водата, како и на линијата до која допира водата.