
Млекото претекува во моментот кога ќе му свртите грб, а она што останува на дното е тешко за чистење. Науката објаснува зошто се случува ова, а неколку едноставни чекори можат да ги спречат двата проблема.
За разлика од водата, млекото содржи протеини и масти кои ја менуваат својата структура при загревање. Во напис за The Conversation, експертите Џеј Дигон и Џема Ман од австралискиот универзитет „CQ“ објаснуваат дека протеинот казеин, кога е изложен на топлина, формира „кожичка“ на површината. Оваа кожичка ги заробува воздушните меури, претворајќи ги во пена која брзо се крева по ѕидовите на садот.
Како што млекото испарува, мастите и протеините се згуснуваат во површински слој низ кој пареата тешко продира, наведува The Kitchn. Пареата се собира одоздола, а штом ќе се создаде доволен притисок, таа нагло пробива низ површината, предизвикувајќи млекото да претече.
Користете поширок сад и помала температура
Според Cook’s Illustrated, најдобро е млекото да се загрева во голем, широк сад. Австралиските експерти исто така препорачуваат користење поголем сад и одржување на ниска температура, наместо користење на најсилниот степен на шпоретот.
Млекото треба да се промешува на секои неколку минути. Ова го разложува површинскиот слој, овозможува излегување на пареата и осигурува порамномерно загревање на млекото.
Дрвена лажица поставена преку садот помага – но само привремено
Популарниот трик со ставање дрвена лажица преку отворот на садот навистина функционира, но само одредено време. Сувото дрво е порозно, што помага во пукањето на меурите, а исто така ја лади површината.
Штом лажицата ќе се загрее и ќе се засити, таа повеќе не може да ја задржи пената. Затоа, експертите советуваат да не го оставате млекото без надзор; ако морате да се оддалечите од шпоретот, намалете ја температурата или целосно исклучете ја ринглата.
Како да спречите загорување
За да спречите лепење на млекото за дното на садот, Cook’s Illustrated предлага внатрешноста на садот да се намокри со вода или благо да се премачка со масло пред да се сипе млекото. Овој тенок слој помеѓу дното на садот и млекото ја намалува веројатноста протеините да се залепат.