Однесувањата што изгледаат груби може да укажуваат на тоа дека имате АДХД: Обрнете внимание на овие однесувања

popara28 ноември, 20261min00
b_261127295

Кога некој нè прекинува за време на разговор, гледа во својот телефон додека ние зборуваме или ги откажува плановите во последен момент, лесно е да се заклучи дека таа личност е неучтива.

Експертите предупредуваат дека таквото однесување кај возрасните, всушност, може да биде знак за нарушување на вниманието со хиперактивност (АДХД).

Според Националниот институт за ментално здравје на САД (NIMH), возрасните со АДХД често имаат потешкотии со контролата на импулсите, одржувањето на вниманието, помнењето работи и управувањето со времето. Затоа, однесувањето што изгледа неучтиво често нема никаква врска со тоа што таа личност мисли за вас.

Личноста која постојано прекинува обично се доживува како невоспитана. Кевин Антшел, професор по психологија на Универзитетот „Сиракуза“, објасни за „ХафПост“ дека поединците со АДХД ги прекинуваат другите бидејќи им е тешко да ги контролираат своите импулси и да го следат сопственото однесување. Тие стануваат толку возбудени поради она што сакаат да го кажат, што веднаш го изговараат, без претходно да размислат како тоа може да влијае врз другите.

Истото важи и за наглите промени на темата на разговор. Ним им е тешко да го дочекаат својот ред, па веднаш ја изнесуваат секоја мисла што ќе им падне на памет – честопати и без воопшто да сфатат дека некому му влетале во збор.

Некој што лесно го губи вниманието за време на разговор може често да гледа наоколу или да проверува што има на телефонот. Ова не мора да значи дека им е досадно; напротив, нивниот мозок реагира на сè што се случува околу нив.

Луѓето со АДХД, исто така, може да имаат потешкотии со работната меморија – способноста краткорочно да се задржат информации и тие да се искористат. Токму затоа може да заборават на некој договорен состанок или да го загубат телефонот – а не затоа што не им е грижа. Кај поединците со АДХД, откажувањето планови во последен момент често е резултат на одложување на обврските (прокрастинација) и лошо управување со времето. Многумина се потпираат на притисокот од крајниот рок за да завршат одредени работи. Кога важните задачи ги оставаат за во последен момент, социјалните планови се првото нешто што го откажуваат.