Филмот “Мајки” на македонскиот режисер Милчо Манчевски утре ќе биде прикажан на големиот меѓународен фестивал во Истанбул. Манчевски е единствен наш режисер чии филмови играат на овој фестивал.
Турскиот печат го најавува како “филм што не смее да се пропушти“ и се наоѓа на листата на “најспецијални проекции“.
Минатата недела “Мајки” беше прикажан на фестивалот “Лас Палмас де гран Канариа” на Канарските острови, а претходната недела на фестивалот во Вилно, Литванија и во Кливленд, САД.
Светската премиера филмот “Мајки“ ја имаше во Торонто, а гала европската премиера на фестивалот во Берлин. Во меѓувреме со успех беше прикажан на фестивали во Бразил, Чешка, САД, Србија и Бугарија, а следуваат уште бројни покани во текот на оваа и идната година.
“Мајки“, филм во македонско-француско-бугарска копродукција, победи на белградски ФЕСТ и беше македонски кандидат за Оскар.
Инаку, филмот настапува на сите фестивали и покрај одбивањето на Македонскиот филмски фонд да обезбеди титлување на англиски, како и филмски копии.
Извор: Нетпрес