Дон Самонс е единствениот жител на Бафорд, град во американската сојузна држава Вајоминг. За тој крај не може дури да се рече дека е ретко населен оти станува збор за област со само еден жител, 60-годишниот Самонс.
Иако градот е сместен на 2,400 метри надморска височина, Самонс велел дека не се чувствува осамено и редовно ја отворал својата бензинска пумпа и малата продавничка. За да побегне од бучниот градски живот, Самонс заедно со својата сопруга го напуштил Лос Анџелес во 1980 година и се преселил во Бафорд. Тогаш таму живееле седум луѓе и сите работеле на железницата која поминува низ гратчето, но тие кон средината на деведесетите се преселиле во големите градови. “Иако дојдовме во недојдија, веднаш ни се допадна. Уживавме во мирниот живот со нашите коњи, кучиња и мачки и пристојно заработувавме од продавницата на бензинската пумпа“, рекол Самонс.
Неговата сопруга починала пред 15 години, а синот кој денеска има 26 години заминал пред три години да живее во Колорадо. Така Самонс останал сам. Во летниот период низ градот поминувале илјадници посетители дневно, но во зима тој број паѓал на стотина. “Застануваат тука оти се заинтересирани кога ќе дојдат на ова место, на самиот врв на планина. Продавам разни сувенири, од шешири до шољи за кафе. Најмногу се продаваат разгледниците. Драго ми е кога ќе се вратам дома во мир и тишина по 10-часовниот работен ден и разговорите со разни луѓе. Кога ја затворам продавницата јас сум единствениот човек на неколку километри околу. И тоа ми се допаѓа“, раскажал Самонс.
Самонс живее во трособна барака и ужива да “патува“ до работа цели 200 метри. “Јас сум овде крал“, рекол задоволно Самонс.
Извор: Нетпрес