Српската фолк ѕвезда Цеца признала дека незаконски присвоила неколку милиони евра од продажба на фудбалери од тимот на Обилиќ, и предложила спогодба со белградското обвинителство. Во замена за признанието 38-годишната Цеца очекува да биде осудена на само една година домашен затвор, како и да и врати на државата околу 1,5 милиони евра.
Спогодбата се однесува и за нејзината сестра Лидија Оцоколиќ, која признала дека и помагала на Цеца при трансферот на парите од продажбата на фудбалерите. Лидија се надева дека ќе добие пресуда од шест месеца домашен затвор. И двете ќе треба да носат електронски алки на раката и ќе ги отслужуваат казните во своите домови во Белград, пишува денеска весникот “Блиц“, пренесува Нетпрес. Сепак, спогодбата не се однесува на останатите двајца обвинети во овој случај- Драгиша Биниќ и Јован Димитриевиќ. Против нив е подигнато обвинение, но само за еден незаконски трансфер на фудбалер. Ако обвинителството се согласи на договор, нема да има судски процес против Цеца и проти нејзината сестра, а пресудата ќе стане правосилна по автоматизам. На почетокот на март, годинава, српското обвинителство официјално подигна обвинение против Цеца, според кое ја товари дека присвоила повеќе од 4 германски марки и околу 3 милиони американски долари, од продажба на фудбалери од Обилиќ во странски клубови.
Веднаш потоа почна и финансиска ревизија, која требаше да прецизира дали богатсвото на српската трубо голк ѕвезда е стекнато легално. Истрагата против сопругата на еден од најпознатите српски воени злосторници, Жељко Ражњатовиќ – Аркан, почна за време на операцијата “Сабја“, во март 2003 година, веднаш по убиството на тогашниот српски премиер Зоран Ѓинџиќ. Тогаш Цеца беше во притвор неколку месеци.
Според српското обвинителство, истрагата траела долго бидејќи властите требале да ја соберат неопходната документација од неколку држави, каде Цеца ги продавала фудбалерите, односно Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Франција и Русија.
Извор: Нетпрес