Кошаркарите на Фени Индустри во третиот обид стигна најпрво до финалето, а денеска и до титула во Балканската кошаркарска лига (БИБЛ).
Во одлична атмосфера во салата „Јасмин“ во Кавадарци, Фени во финалето од Фајнал Фор турнирот славеше над бугарски Рилски Спортист со 88-75.
Македонскиот шампион од самиот старт ја превзеде иницијативата и предноста и во текот на целото прво полувреме имаше опиплива предност над првиот шампион од ова натпреварување.
По првото полувреме нашите кошаркари заминаа на пауза со сигурни 38:28 со што наговестуваше дека токму Фени ќе биде новиот шампион и дека сонот на кавадарчани конечно ќе стане јаве.
Сепак во последната четвртина, најдобриот бугарски кошаркар Лилов ја превзеде одговорноста во своите раце и со серија успе да намали на само 7 поени негатива, но тогаш Емил Рајковиќ со правовремен тајмаут ја прекина серијата и преку Душан Кнежевиќ со неговите 7 поени успеа да се одлепи.
Во последните минути гостите од Бугарија во брзањето да ја стигнат негативата на нашиот шампион направија неколку грешки кои беа искористени од Војдан Стојановски и Дарко Соколов за конечниот успех од 88:75.
Дарко Соколов постигна 22 поени за Фени, што беше доволно да биде прогласен и за МВП на Фајнал фор завршницата од годинашното издание на БИБЛ Лигата. Душан Кнежевиќ и Војдан Стојановски постигнаа по 14 поени, а Самарџиев дополни 13.
Во поразениот тим на Рилски, Иван Лилов и Владимир Мијовиќ беа најдобрите во дресот на Рилски и завршија со двоцифрен број на поени 16, односно 15.
Несомнено ова е огромен успех за македонската клупска кошарка воопшто, бидејќи Фени Индустри е првиот наш клуб кој успеал да освои титула на меѓународна сцена.
Извор: Нетпрес