Фетел му ја подари победата на Батон

13 јуни, 20110
Brawn GP's British driver Jenson Button

Џенсон Батон триумфираше на трката за Големата награда на Канада во Монтреал, откако во последниот круг го мина Себастијан Фетел кој до тогаш водеше. Германецот се обиде да се одбрани од нападите на Батон кој му се доближуваше, но во последниот круг направи грешка и на кратко излета од стазата, што за Батон беше доволно да го престигне и да дојде до триумф.

Батон така направи голем успех, бидејќи, не само што дојде до триумф во последниот круг, туку во текот на трката шест пати запре во боксот и еднаш мина низ боксот поради казна. Сепак, ништо од тоа не го спречи да триумфира.

За Батон ова е прва победа сезонава и тоа со време од 4:04:09.537 часа, а вкупно десети триумф во кариерата.

На хаотичната трка која беше прекината поради силниот дожд и во која пет пати безбедносното возило излегуваше на стазата, долго време второпласиран беше МихаелШумахер, но не успеа да се искачи на подиумот. Зад Батон и Фетел се пласираше Вебер, Шумахер беше четврти, а Петров петти.

Кобајаши и Маса се бореа за шестата позиција и беа потполно израмнети, за низ целта со само неколку метри предност – Маса сепак беше побрз.

Секоја година трката за Големата награда на Канада важи за една од најинтересните, а овој пат трката можеше да биде запаметена по потопот на стазата “Жил Вилнев”. Трката траеше четири часа вкупно, од кои два минаа во прекин. Со оглед на големиот број прекини на денешната трка, вљубениците во Формула 1, веднаш по завршување на натпреварувањето на стазата “Жил Вилнев” почнаа да забележуваат дека и покрај напредокот во технологијата и безбедноста на возачите, управата на Формула 1 ги тераат фановите на брзите автомобили и понатаму да гледаат кон небото и да се молат некоја капка случајно да не го упропасти спектаклот. Оние најкритички насочените се и најдиректни: ‘ова што денеска го гледаме како Ф1 нема повеќе никаква врска со адреналинските шокови кои ги доживувавме пред четврт век. Од најбрзиот циркус остана само цикусот и тоа оној кој никој не сака да го гледа.’

Во генералниот пласман во конкуренција на возачи води Фетел со 161 бод, Батон има 101, а Вебер 94. Ред Бул води на листата на конструктори со 255 бода, пред Мекларен-Мерцедеса со 186.

Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *