Меѓу 300 и 500 европски платени војници, меѓу кои има и државјани на земји од Европската унија, работат за либискиот лидер Моамер Гадафи, објавува “ЕУ Обсервер“, повикувајќи се на информација на грчкиот експерт за организиран криминал, Мишел Кутузис, пренесува Нетпрес.
Европските платеници се главно експерти за тешко вооружување, хеликоптерска техника и тактика, а нивниот дневен хонорар се движи по неколку илјади американски долари. Најголемиот дел од нив се од Србија, Белорусија и Украина. Исто така, има и значителен број на полски специјалисти по хеликоптерска техника. Меѓу платениците има и белгиски, британски, француски и грчки граѓани.
Европјаните се дел од помногубројните платеници од централноафриканските земји – Чад, Нигер, Мали и Сомалија, чија дневна плата е околу 2.000 долари. Сите платеници, доаѓаат и си заминуваат, преку 15 воени аеродроми во јужна Либија. Околу 25.000 војници, досега, дезертираа од армијата лојална на Гадафи. Синовите на либискиот лидер командуваат со три добро екипирани борбени единици, кои вкупно бројат меѓу 35.000 и 50.000 војници.
Компанија на Мишел Кутузис, “Лотофагес Консалтинг“, регистрирана во Франција, извршува истражувања за безбедносни прашања за потребите на европските институции, ООН и француската влада. Кутузис лично во февруари и во март, годинава, ја посетил северна Африка.
“Во либиското општество претставува табу убивањето на луѓе од сопственото племе. Поради тоа на Гадафи му се потребни странски борци“, објаснил грчкиот експерт.
“ЕУ Обсервер“, повикувајќи се на извор близок на Преодниот национален совет во Бенгази, објавува дека алжирски, руски и сириски воници, исто така му помагаат на Гадафи.
“Тие почнаа да пристигнуваат веднаш по првите американски бомбардирања. Гадафи ја смени својата тактика со тоа што внесе стотици борци со џипови, од Алжир, и престана да се потпира на тенковите. Алжирците и Сиријците се многу вознемирени, бидејќи Либија може да даде лош пример“.
Според “ЕУ Обсервер“, Гадафи користи платеници, бидејќи не им верува на Либијците.
“Во изминативе 40 години, имаше неколку неуспешни обиди за негово уривање од власт. Сите негови лични телохранители се странци. Оние, на кои навистина им верува, а се Либијци, се не повеќе од десетина луѓе, а еден токму од тие, министерот Муса Куса, веќе дезертираше“.
“Хјуман рајтс воч“, која испрати тројца свои луѓе на либиските фронтови се сомнева во информациите за платениците. Питер Букаерт, претставник на оваа организација, изјавил дека нема информации за никакви европски, јужноафрикански или било какви други војници, кои се борат за Гадафи.
Исто така, ниту ЕУ ниту пак НАТО не располагале со информации за европски или пак африкански платеници во Либија. Разузнувачките информации на НАТО се дека во градот Мисурата има колумбиски снајперисти.
Извор: Нетпрес