Ако му веруваме на неговиот биограф, тогаш треба да очекуваме дека музичката легенда Дејвид Боуви се пензионирал и дека повеќе нема да настапува, пренесуваат светските музички медиуми.
Имено, Пол Тринка, кој наскоро треба да ја објави биографијата наречена „Starman“, односно Човек-ѕвезда, верува дека Боуви кој нема објавено албум уште од 2003 година, кога го издал последниот албум Реалност, ќе се врати на сцена само ако има нешто стварно добро да ѝ понуди на публиката.
Во едно интервју за „Spinner“, Пол Тринка дал свое мислење во врска со враќањето на Боуви во студио и на сцена.
„Срцето ми вели дека ќе се врати, но разумот ми кажува дека тоа е малку веројатно. Мислам дека би се вратил само ако спреми нешто огромно за публиката, нешто полно со експлозивност и светлина. Ако навистина се врати тоа ќе биде вистинско чудо, но чуда се случуваат, зар не?“, изјавил Тринка.
Боуви последен пат настапил во 2006 година, кога во Њујорк се појавил на сцена заедно со Алиша Кис.