Манастирот Св. Јован Бигорски

popara16 јуни, 20111min01
naslovna

Манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требишта, по течението на прекрасната Радика. Името Бигорски, го има добиено заради тоа што е изграден од бигор.

Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбрамбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Според Бигорскиот поменик, манастирот го основал монахот Јован во 1020 година а во XVI век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква. Од помениците исто така се дознава за обновувањето на манастирот во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој е и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Манастирот Св. Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле мајсторските раце на тајфата на Петре Филипов – Гарката од селото Гари. Петре Филипов – Гарката, братму Марко, Макрариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од родот Филиповци од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година успеале да создадат врвно уметничко копаничарско дело.

Иконостасот е поделен во шест хоризонтални појаси. Првиот во основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и фауната. Вториот појас, во кој се поместени престолните икони, завршува со фигура на орел со раширени крилја. Третиот појас е поделен на три помали хоризонтални разделби во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови, гранки од винова лоза и др. Над нив се наоѓаат два реда икони – празнични и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст на којшто е претставено Христовото Распетие. На обете страни од крстот стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на Св. Јован и Св. Богородица.

Покрај иконостасот, манастирот е познат и по иконата на Св. Јован Крстител за која се верува дека има чудотворна моќ. Според преданието иконата ја нашол монахот Јован во 1020 година. Таа сама дошла до местото каде што подоцна е изграден манастирот и лебдела над изворите на реката Радика. Кога во XVI век, во времето на султанот Селим втори Турците го запалиле манастирот иконата мистериозно исчезнала за потоа уште помистериозно да се врати неоштетена. Во манастирските списи запишано е дека иконата на свети Јован Крстител 35 години не била заштитена и дека дури во 1885 година иконата е обложена со сребрен оклоп. На иконата Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека третата рака е благословувачка. Се верува и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца.

Убавината на манастирскиот комплекс ја надокнадуваат и старите конаци заедно со трпезаријата. Тие се изградени кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век. Големиот конак кој се состои од приземје и два ката, со пространи чардаци и голем број одаи, служел за живеење на калуѓерите. Некои од одаите украсени се со убаво обработени дрвени тавани и розети во резба. Повеќето од одаите биле опремени со вградени долапи, полици, комори, камини и сл. од кои голем број подоцна се заѕидани.

Денес, монашкото братство на Бигорскиот манастир го сочинуваат четирите монаси и тројцата искушеници. Нивниот игумен и старец Архимандритот Партениј основите на својот монашки живот ги стекнал на Света Гора Атонска.

Официјалниот сајт на манастирот тука.

 

One comment

  • Кате

    29 јуни, 2011 at 17:12

    Преубаво место,навистина вреди да се посети! Иконостасот остава без здив!

    Reply

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma -

loodgieter den haag