Харли Џордан не е обично осум годишно дете, додека неговите врсници си играат видео игри на компјутер, тој преговара со добавувачи, купува акции и управува со своето интернет царство.
Малиот тајкун од Лондон, секоја година прави обрт од неколку илјади фунти, а нарачки му стигаат од секаде во светот. Бизнисот толку многу му тргнал што морал да ја вработи и неговата мајка и двата постари браќа да му помогнат.
Момчето сака да има голем бизнис, „Мојот сон е да имам синџир продавници и тоа да бидат најголемите продавници за играчки во целиот свет и би се продавале најразлични видови на џамлии“, изјавил Харли.
„Ги сакам џамлиите и сакам што имам своја фирма. Сакам да шефувам и сакам кога сите си ја вршат својата работа“, искрено додал Харли.
Момчето бизнисот го започнал сосема случајно. На почетокот тој само се разменувал со своите пријатели разни џамлии, а кога останал без цела колекција побарал од мајка му да му ја купи преку интернет. Но, бидејќи не нашле сајт кој продава такво нешто, на Харли веднаш му светнало и сфатил дека токму тој може да започне таков бизнис.
„Опседнат е со џамлии од својата шеста година, а неговата опсесија е толку голема што почнавме да го викаме Крал на џамлиите, па така логично беше дека ќе се вика и сајтот“, изјавила мајката на Харли, Тина.
Таа никогаш не помислила дека она што ќе зпочне како детска игра ќе се претвори во нешто сериозно.
„Му помогнав да започне сајт, но тој сега прима нарачки наместо да си игра со своите врсници“, истакнала Тина која сега ги води финансиите во фирмата. Харли планира во Кина да почне со производство на џамлии кои ќе го носат неговото име.