На Куба бил откриен необјавен дневник на Че Гевара, познатиот револуционер роден во Аргентина, а неговата вдовица Алеида Марч одлучила да го објави во оригинален облик, што го образложила со желбата читателите да го запознаат Гевара онаков како што и навистина бил.
Издавачите сепак се жалат бидејќи револуционерот, кој по образование бил лекар, имал ужасен ракопис, така да дешифрирањето на дневникот им создало многу маки и дека траело невообичаено долго.
Дневникот го покрива тригодишниот период од герилските борби кои довеле до симнување од власт на тогашниот претседател Фулгенси и доаѓањето на Фидел Кастро на власт, односно конкретно периодот од пристигнување на револуционерите на крајбрежјето на Куба со јахтата “Гренма“ на втори декември 1956 година, па се до јануари 1959 година кога бил симнат генералот Батист.
Според кажувањата на издавачот, овој дневник “во ново светло ги прикажува впечатоците на Гевара за Куба, нејзината култура, идентитет и политички контекст“. Ова е веќе трет по ред дневник на познатиот револуционер кој излегува од печат.
Дневникот за револуционерната борба во Боливија, каде во 1967 година бил заробен и погубен, е објавен во 1968 година и во меѓувреме доживеало бројни изданија додека “Дневниците на моторџиите“, “Спомените на Че Гевара од патувањата со другарите од Латинска Америка“ исто така постигнале голем комерцијален успех, а по нив бил снимен и доста успешен филм.
Извор: Нетпрес