Пагода Шведагон

23 август, 20110
pagoda-naslovna

Најубавиот храм на Буда

Во најубавата градба на будизмот, се наоѓа и неговата најдрагоцена реликвија. Веднаш под огромната купола на пагодата Шведагон во Рангун, се наоѓа ковчег изработен од сјајни дијаманти, а во него се наоѓаат осум влакна на Буда. Секој што за првпат стои пред оваа златна “катедрала на будизмот“ сфаќа зошто седумте светски чуда од стариот свет и ова чудо од Азија, не можат да се стават на исто рамниште. 170 метри високата пагода (14 метри повисока од Катедралата во Келн), изгледа како рид од злато, а лоцирана е веднаш над бурманскиот главен град.

За изгледот на пагодата, заслуга има Кралот Mindon Min, кој бил дарежлив владател во индиското кралство. Во 1871 година, наредил главната купола на најголемото светилиште да се покрие со плочи од вистинско злато. Врвот на оваа пагода е украсен со илјадници драгоцени камења, рубини, смарагд, дијаманти. Најгоре, под шилестиот врв на ветерот се нишаат стотина златни и илјада и четиристотини сребрени ѕвончиња.

Европјаните можат само да завидуваат на ваквото богатство. Сепак, раскошот на оваа пагода не е нешто невообичаено – сите пагоди во Бурма се изградени од страна на богати лица кои биле побожни. До ден денешен, вообичаено е богатите Бурманци пред крајот на својот живот да изградат пагоди. Речиси секоја од овие пагоди на врвот се украсени со драги камења. Особено важно е доколку пагодите се изградени на рид. Пагодата Шведагон е изградена на 55 метри висок земјен насип (тераса), така што од пагодата се гледа целиот простор на храмот кој се простиран на површина од 65.000 квадратни метри.

На подножјето на терасата во облик на скала, се собираат голем број на верници. Трговците продаваат поклони, лотосови цветови, чинии со ориз. Голем број на семејства со години штедат за да можат да дојдат и да го посетат храмот.

Храмовите во Бурма се во форма на арки или ѕвона, тоа се градби со куполи кои воопшто не потсетуваат на скалестите кровови на храмовите во Сијам. Пагодата Шведагон, претставува класичен пример за бурмански храм. Ваквите градби со куполи се т.н. “столбови“. Под нивната златна “покривка“, цврсто се наредени тулите, така што не може да се види ниту една дупка.

Според преданијата, некој крал наредил да се погуби еден ѕидар бидејќи била откриена дупка помеѓу тулите, со големина на игла. Според верувањата на жителите на Бурма, постои магичен однос помеѓу лицето кое побарало да се изгради пагода и самата пагода. Секоја грешка во изградбата, “носи“ болест кај “господарот“ на градбата.

Во куполите живее уште еден дел од историјата на Бурма. Најпрво овој народ дошол од пограничната земја која се наоѓала помеѓу Кина и Тибет. Во деветтиот век се доселиле на ова подрачје. Тогаш, Бурманците се уште не биле будисти, туку верувале “нати“. Статуите на најмоќниот нате биле чувани на ридот Попа, кој бил обраснат со цвеќе. Народот го нарекол “Златен рид“ или “Цветен рид“.

Од своите нати Бурманците не сакале да се оддделат. На секој агол во пагодата Шведагон се поставени преубави статуи на овие духови и самовили. Се верува дека тие сеуште лебдат во воздухот и влијаат на човековите судбини. За да им го привлечат нивното внимание, верниците удираат во ѕвончињата. На севроисточниот дел на терасата се наоѓа најголемото ѕвоно на светот, тешко 25 тони. Помеѓу веселите ликови на нати се наоѓа Буда изработен од алабастер, глина и мермер. Мажи, жени и деца доаѓаат овде да ги остават своите подароци пред Буда. Задлабочени во своите молитви клечат пред статуата и се молат. Ова место претставува седиште на будистичниот духовен свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *