Дали некој работи, или пак работел, за Моамер Гадафи може да се заклучи само ако има златен италијански часовник со изгравиран негов лик. Таков часовник лидерот на Џамахиријата им подарува на своите вработени секој први септември.
Оксана Балинскаја, една од петте украински медицински сестри, кои работела за либискиот лидер Моамер Гадафи, за рускиот весник “Комсомолскаја Правда“, раскажува за него како за прекрасен работодавач и човек со одлично здравје, пренесува Нетпрес. Таа додала дека Гадафи постојано ја следи својата здравствена состојба и еднаш годишно прави комплетни испитувања.
“Крвната слика, дај боже на секому да му е таква како што е на Гадафи“, рекла медицинската сестра.
Балинскаја објаснила дека при секое патување со личниот авион на Гадафи, летаат уште два авиони-едниот со работите кои ги носи, а вториот со возилата. Самиот тој патувал со американска блиндирана лимузина, а ако е во пустина тогаш користел џипови.
“Ние, персоналот, навистина немаме за што да се пожалиме. Кога отидовме во Њујорк, на пример, Гадафи лично ни даде пари за слободното време да го минеме во обиколка на бутиците“, рекла таа.
Според неа, главната медицинска сестра на Гадафи не е Украинката, Галина Колотницкаја, како што објавуваа медиумите, туку Србинка по име Драга. Таа одела со Гадафи на секое негово патување. За храната, Украинката рекла дека либискиот лидер воопшто не е пребирлив во јадењата.
“Сака храна со месо од камила или пак од овца, а особено ужива во италијанската кујна, најмногу во макароните“, рекла Белинскаја.
Прашана за резиденцијата на полковникот во Триполи, медицинската сестра рекла дека се шокирала кога ја видела за прв пат.
“Огромна територија, оградена со висока ограда и бодликава жица. Насекаде вооружени војници и техника за обезбедување. Нашата болница, која го опслужува само семејството на Гадафи, се наоѓа веднаш до неговата главна резиденција. Таму е и палатата во која тој работи и ги прима своите гости. Не е точно дека Гадафи живее таму. Палатата му е работен простор, а останатиот дел од своето време го минува во апартманите. Иако тој има девет деца и внуци, целото негово семејство живее надвор од резиденцијата“, раскажала Балинскаја.
Таа објаснила дека голем дел од Либијците го поддржуваат и го сакаат својот лидер.
“Во Триполи, моментно, многу се гради и тоа се’ за Либијците, нема ништо за странците. Каде на друго место може да се купи бензин поефтино од вода, никаде. Тоа одлично го знаат сите. Каде може да се отиде во продавница и да ти кажат дека нема никаков проблем ако ти недостасуваат два-три динари при купувањето, дека утре ќе ги донесеш“, раскажала медицинската сестра.
Извор: Нетпрес