Сицилија – цвеќе, ѓубре, дрва и по некоја сабјарка

27 август, 20110
sicilijaa

Слетавме во Катанија а потоа со автобус се упативме кон главниот град, Палермо. Патот од околу 200 км го поминав залепена за прозорецот. Боите на Сицилија ме ззаслепија. Жолто, зелено, црвено. Портокали, лимони и мандарини во Катаниската низина, а покрај улицата маслини, лозја, палми ибадеми. А потоа – шок.

Шарениот неред на Палермо не одеше баш со празен желудник и недостаток од кофеин. Хаотичните улици полни со ѓубре и улични дуќани, прозорци со обесени алишта, невозможна бучава и густата вегетација се стопија во еден мозаик на мириси, бои и звуци кои долго ќе останат запаметени во моите спомени. Гладни и жедни се воодушевувавме на Марторана – црква од 12 век, која опкружена со палми го краси плоштадот Белини.

Уметноста и градбите кои се мешавина од арапско-нормански-византиски стил се јасен доказ за долгата и бурна историја на Сицилија. Арапско-нормаската катедрала и Театро Масимо  измамуваа погледи, но мене најголем впечаток ми остави неверојатното дрво Banyan еден вид фикус, чии корени се шират и преплетуваат по површината на земјата. Просто е неверојатно како можело сето тоа да произлезе од една мала семка. Туркајќи се во гужвите од туристи и автомобили се обидувавме да најдеме идеално место за едно вистинско сицилијанско капучино.

Потрагата траеше бескрајно, а кога конечно нарачавме кафе, на наше големо изненадување, тоа стигна од соседната куќа. Дури подоцна дознавме дека во Палермо е невозможно да се пие кафе во било кој дел од денот. Цела среќа што келнерот воопшто нѐ послужи. Уживајќи така на сонцето, одеднаш слушнавме труби и тапани и пред да се освестиме се најдовме сред традиционалната прослава на Велики петок.

Вечерта ја поминавме со прекрасно сицилијанско вино и жива музика. Иако ноќниот живот во Палермо е богат и разновиден, улиците се прилично празни и тивки. Потребно е малку време за човек да се навикне на хаотичниот ритам на Палермо и да сфати дека дефинитивно градот зрачи со еден специфичен шарм и егзотична убавина.

Вториот ден го поминавме во Монреале, малиот град на 7км од Палермо каде се обидував да фотографирам некој кој личи на Корлеоне, но единственото нешто што мојот фотоапарат успеа да фати беше една еден куп туристи, сувенири и облека. Комуникацијата во рестораните секогаш беше интересно искуство со оглед на тоа дека Сицилијанците, иако навистина пријатни луѓе, не зборуваат странски јазици. Мислев дека моето познавање на италијанскиот јазик (ciao, pizza, gelato) ќе биде доволно за да нѐ нахрани неколку денови. Нарачувањето на безкофеинско кафе (coffee without coffee) помина прилично неуспешно и сите добро не насмеа.

После сето тоа море и сонце, третиот ден одлучивме да го поминеме во сосема поинаква климатска зона. Етна, кој со своите 3323 метри височина ја носи титулата на највисокиот активен вулкан во Европа, е симбол на воодушевување и почитување, особено поради плодното вулканско тло. Возењето кон врвот, покрај вулканските карпи, остатоците од лава и пепел и одамна изгаснатите помали вулкани беше надополнета со адреналин кога утрото во сите сицилијански весници беше објавена веста дека имало 178 помали потреси на вулканот Етна во последните 2 дена и дека можно е да дојде до ерупција. Пејсажот кој се отвори пред нас беше налик на површината на месечината. По посетата на Етна, се упативме кон Монте Тауро, прекрасно мало гратче со мали улички украсени со дрва од портокали, балкони полни со цвеќиња и шарени сувенири, слаткарници и антикварници кои водат до грчко – римскиот театар од каде се протега прекрасен поглед на морето и Етна.

Последниот ден го поминавме на Сиракуза. Некогашната грчка колонија на Сицилија крие неверојатни археолошки локалитети. Бевме воодушевени од „Увото на Дионис“ – вештачка пештера која е наречена од сликарот Караваџо, алудирајќи на тиранинот Дионисиј. Дионисиј ја користел пештерата како затвор, а одличната акустика ми овозможувала да ги прислушува разговорите на затворениците. Но, Сиракуза дефинитивно ќе ја паметам по најдобриот ручек. По прекрасните канелони, се поздравивме со прекрасната Сицилија. la vita è bella!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma