Забрзајте го вашиот ум

26 мај, 20111
media_xl_933245

Мозокот е зачудувачки моќен и комплексен орган. Во него постојат околу 100 милијарди неврони (нервни ќелии) и тие може да креираат 100 трилијарди (10^14) синапси, кои претставуваат врски помеѓу нервните ќелии. Овие синапси се градивиот материјал на нашите мисли, идеи и сеќавања. Мозокот како орган користи околу една четвртина од калориите кои ги внесуваме во нашето тело и околу една четвртина од кислородот кој го вдишуваме. Мозокот може да го сметаме за најсилен мускул во целото тело.

Очигледно е дека вежбањето на умот го подобрува функционирањето на мозокот и неговите ментални функции. Максимална ефективност на мозокот сеуште не е позната. Играњето мисловни игри дефинитивно е корисно бидејќи со постојано се усовршувате. Многу експерти мислат дека краткотрајната меморија, времето на реакција и општата интелигенција може да бидат забрзани со редовни вежби. Во спротивно може да доведе до Алцхајмерова или други слични ментални нарушувања. Кога го вежбаме мозокот, го поттикнуваме растот на нови мозочни клетки. Мозокот го достигнува својот максимум во доцните дваесет години од човековиот живот и потоа бележи забавена крива на опаѓање на неговото функционирање.

Физички гледано со текот на годините тој полека се собира. Со тоа нашата способност за размислување се намалува. Но со вежби собирањето на мозокот можеме да го забавиме. Расте мнението дека постојаното предизвикување и користење на мозокот може да има позитивни ефекти. Секој пат кога мозокот ќе го ставиме пред одреден предизвик, со тоа го модицифицираме умот. Во тие случаи формираме нови мозочни ќелии.

Мозокот е високо адаптибилен орган и се развива преку повторување на активности. Така ако решавате крстозбори секој ден, веројатно на осумдесетгодишна возраст ќе ги решавате исто така добро како и на триесет години. Игрите за тренирање на мозокот како загатки, врзоглавки, судоку, шах, анаграми итн., претставуваат одлична вежба за мозокот. Исто како што е и читањето.

За вежбање на мозокот невролозите препорачуваат четири работи. Секојдневно треба да одвоите по 30 минути за:
1. Изберете нова и непозната област на познавање и истражете ја подлабоко.
2. Поминете некое време во медитација или само во размислување.
3. Вежбајте набљудување и опишување на предмети.
4. Вежбајте замислување.

Мозокот е пластичен – се менува и физички се обликува според искуството низ кое минува. Ова го потврдил еден професор кој работел на студија за мозоците на лондонските таксисти. Утврдено е дека нивниот мозок се зголемил за да им помогне да ги складираат деталните ментални слики од мапата на градот Лондон. Снимките на мозокот покажале дека тие имале многу поголем хипокампус отколку што е тоа вообичаено. Хипокампусот е поврзан со навигација. Тој растел поголем, колку што возачите подолго работеле како такси возачи.

Како вежба се препорачува гласно читање за време на појадокот. Исто така можете да правите листи на меѓусебно поврзани предмети – изговорете ги само сините предмети или оние кои завршуваат на буквата А. Можете да ги менувате рацете со кои вообичаено ги вршите работите. Исчешлајте ја косата со левата рака доколку вообичаено се чешлате со десната рака. Овие вежби го тераат вашиот мозок да работи понапорно и да се снаоѓа во нови и невообичаени ситуации.

Како можете овој мускул да го развиете до нешто што ќе го постигне својот целосен потенцијал?

Вежбајте го мозокот.
Доколку постојано лежите во кревет, тогаш ја губите силината на мускулите. Доколку постојано гледате ТВ, ја губите снагата на вашиот мозок. Како и секој друг мускул во телото, мозокот одговара на здрави и витални вежби. Испитувањата покажуваат дека луѓето кои поактивно го користат својот мозок помалку се подложни на ментални пореметувања, сенилност или алцхајмерова болест во подоцнежното доба од животот. Постојат многу начини за предизвикување, стимулирање и вежбање на мозокот. Обидете се со било каква игра поврзана со размислување.

Нахранете го вашиот мозок.
Одредени видови храна помагаат во функционирањето на мозокот а други видови го нарушуваат. Најдобрата храна за мозокот се свежото овошје и зеленчук. Тие даваат антиоксиданси, нерафинирани карбохидрати и фолни киселини. Интегралните житарици, овес и леќа даваат тијамин и корисни видови на карбохидрати. Омега-3 мастите кои се среќаваат во рибиното и во лененото масло се извонредна храна. На мозокот му се потребни и протеини кои ги има во јајцата, рибата и во месото. Витаминот Д е исто така неопходен и се добива преку сончање или конзумирање на некои млечни производи. Во исто време потребно е да пиете доволно вода, природен овошен сок или чај од растителни тревки. Од друга страна познато е дека алкохолот, дрогите, шеќерот и мастите се штетни за мозокот, особено доколку се конзумираат во големи дози.

Учете постојано.
Најдобриот начин за вежбање на мозокот е постојано да учите – секој ден, секоја седмица, секоја година. Можете да се запишете на обични часови во вечерно училиште или на курс за обука. Можете и сами дома да учите од книги, од аудио ЦД или од ДВД или директно од интернет. Учењето само по себе го развива мозокот и ја продолжува неговата корист, без оглед што се учи. Образованите луѓе помалку страдаат од ментални нарушувања и дегенеративни мозочни болести.

Различноста е тајната на животот.
Постојаното повторување на истата работа не му дава на мозокот адекватен ранг на вежби кои му се потребни. Различност во работата, одмор, забавата, конверзација, патување и дружење помагаат да се стимулира работата на мозокот. Нови и невообичаени активности го вработуваат мозокот на нов и непознат начин и го приморуваат да се развива и да учи. На пример, обидете се да читате книга или текст свртени наопаку. Неверојатно е напорно за мозокот да се справи со новонастаната ситуација, но тој сепак успешно се справува.

Физички вежби.
Спортовите и физичките вежби се добри за мозокот, особено заради забрзувањето на циркулацијата на крв и кислород во главата. Долготрајна прошетка или трчање се исто така корисни, но активности кои бараат мислење и координација се многу подобри. Голферите кои размислуваат за тоа како да се завртат и како да го удрат топчето со палката или тенисерите кои маневрираат пред своите противници се истовремено и физички и ментални вежби. Слично на ова, танцување, салса, танго или било какво друго танцување се добри вежби бидејќи е потребно да се сконцентрирате на ритам, чекори, кординација и движења и на сè тоа да внимавате во исто време.

Спијте цврсто.
Спиењето му помага на мозокот и на телото да се освежи и да се опорави. Преспивањето на одреден проблем може да Ви помогне да донесете подобра одлука. Спиењето ја зајакнува и ја подобрува вашата меморија. Обезбедете си добро и цврсто спиење. Направете неколку вежби и избегнувајте тешка храна или кофеин пред спиење. Спијте на цврст и удобен кревет, во добро проветрена и тивка просторија. Студентите кои учат за испити и потоа доволно спијат, паметат повеќе и имаат подобри резултати од нивните колеги кои учат во текот на ноќта.

Читајте.
Читање книги, статии и магазини е еден од најдобрите начини за учење нови работи и за стимулација на мозокот. Секојдневно одвојте малку време за читање.

Запомнувајте.
Вежбајте го користењето на вашата меморија. Вежбајте ја вашата меморија постојано и секој ден и таа значително ќе се подобри.

Користете броеви.
Секој ден повремено правете ментални аритметички пресметки. Помалку користете го вашиот калкулатор и компјутер, а повеќе вашиот мозок. Проверувајте ги вашите сметки во супермаркет или во ресторан. Секогаш кога плаќате пресметајте го кусурот и пребројте го. Вежбајте собирање, одземање, множење и делење. Сето тоа е многу добра вежба за мозокот.

Слушајте музика.
Слушајте вистински. Музиката е јазик кој луѓето користат за комуникација. Прилично се разликува од говорните јазици, но затоа е универзална појава. Слушањето музика може да развие или да стимулира делови од мозокот, како и промена на нашето расположение. Без оглед дали слушате класична музика, џез, блуз или поп музика, запрашајте се себеси што композиторот или авторот сакал да каже со одреден дел или како тој или таа го искажуваат тоа? Обидете се да го издвоите звукот од различни инструменти, слушајте го нивниот индивидуален придонес и откријте како композиторот ги вклопува за да се добие крајниот ефект. Слушајте ги мелодијата, свирењето, риматот. Забележете ја употребата на повторувањето, развој и контраст на музичките теми. Богатството на музиката е чудесно и сите можеме да научиме да ја цениме музиката што повеќе.

Научете странски јазик.
Јазикот кој го користиме ни помага да го обликуваме начинот на кој нашиот ум работи. Учењето на странски јазик и примањето на дел од културата на друг народ или друга земја го доведува умот во позиција да гледа нови работи на еден сосема нов начин. Повторете го курсот за странски јазик кој сте го учеле на училиште или или запишете се на некој нов курс. Посетувајте часови за конверзација. Тие се одличен предизвик бидејќи вашиот мозок се обидува да се справи со комуникацијата на еден потполно нов начин, под сосема нови правила и со ограничен фонд на зборови. Изгледајте филм на странскиот јазик кој го изучувате. Прочитајте некои од нивните дневни весници, книги или детски книги. Најдете си пријател за допишување во таа земја. Посетете ја земјата и обидете се да разговарате со локалните жители на нивниот јазик. Мозокот во таква ситуација треба да работи двојно понапорно и постојано се зголемува и се адаптира на промените.

Предавајте.
Ако сакате да научите одреден предмет, тогаш започнете да го предавате. За сите напредни мислители, предавањето нуди одличен сет на интелектуални и лични предизвици. Размислете како можете да им помогнете на студентите да научат за предаденото. Како можете да им помогнете да го откријат или да го искусат она што треба да го научат. Како можете да го направите тоа на фасцинантен начин. Доколку го постигнете ова на вистински начин, тогаш и тие а и вие ќе научите.

Дружете се со интелигентни луѓе.
Поминете одредено време со луѓе кои се интересни, интелектуалци, многу начитани, добро информирани, полни со мислења, кои се стимулирачки и забавни. Доколку не познавате такви, тогаш направете си план да ги најдете и да ги запознаете. Обидете се да избегнувате луѓе и конверзации кои се досадни, рутински и повторувачки. Во вашиот круг вклучете повеќе луѓе кои излегуваат со интересни теми, кои имаат различен поглед на светот, кои ги предизвикуваат вашите мислења. Луѓе кои ве тераат да размислувате за работите повеќе отколку другите. Избегнувајте ги луѓето кои немаат свој став и мислење за многу работи и кои се сложуваат со Вас цело време. Не е прашање на тоа дали да се биде во елита или сноб. Се работи за хранење на вашиот мозок со идеи и предизвици кои му се потребни.

Волонтирајте.
Пријавете се за било каква доброволна работа за да се ставите себеси во нова и различна ситуација, во која можете да им помогнете на луѓето и во исто време да научите од другите.

Пејте.
Приклучете се во хор и научете да пеете во хармонија со другите членови на хорот.

На вашиот мозок му е потребно вежбање, предизвик и стимулација.

Извор: Статија.мк

One comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *