Тој беше Оган, силен, безмилосен и див. Само со еден допир го запали нејзиното срце. Можеби дури и без да сака…
Таа беше само една мала свеќа – мала, обична и бледа. Со својот нежен пламен очајно се обидуваше да го осветли светот околу себе…
Некогаш таа безмилосно беше згасната и со тоа осудена на болна тага и горчлива осаменост…
Тоа траеше долго, многу долго време. Се додека не го сретна огнот повторно. До мигот во кој му го даде срцето, душата, телото. Целата се предаде на него…
А тој…тој беше безмилосен кон неа. Не се двоумеше да ја запали, за да види како повторно гори пламенот во неа…
А таа…таа со љубовниот оган во срцето, веќе светеше силно и грееше многу посилно од претходно. И тоа навистина безумно ја правеше среќна. Ја правеше да се чувствува исполнета и повторно жива…
Додека во еден момент таа не почувствува како се топи. Свати дека со секој изминат миг се намалува и светлината, што ја создаваше пламенот…
И дури и тогаш, свеќата не беше тажна. Напротив – беше вистински среќна! Зошто таа го сакаше повеќе од себе си тој оган, кој всушност ја уништуваше. Знаеше дека умира поради него. Но пак знаеше дека живеела вистински, повторно благодарение на него…
Знаеше, разбираше, чувствуваше дека крајот се ближи, дека наскоро ќе ја снема. Но не од тоа ја болеше и не затоа страдаше малата свеќа. Единственото за кое жалеше е фактот дека ќе исчезне и тој! Ќе го изгуби и него – Огнот, кој и покажа што е тоа живот…