Главниот пат Разум – Срце е најопасен…

28 март, 20120
3

Понекогаш ( не секогаш! ) имам чувство, дека разумот ми е како една карта – стотици патишта и илјадници магистрали, по кои мислите ми летаат, си ги пресекуваат патиштата, се судруваат една со друга, некои дури умираат…Не почитуваат знак за првенство и тоа води до катастрофи.

Главниот пат, Разум – Срце е најопасен. Тој зема најмногу жртви и повредите се најтешки. Понекогаш виновни се мислите што тргнале од Разумот, друг пат чувствата што тргнале од Срцето. Верувајте ми, направив ремонт сто пати. Вложив многу средства, најмногу лични…Но секогаш инвеститорите на кои им го доверив проектот не беа вистинските. Не ги исполнуваа главите од договорот, над кои се колнеа. Си најдоа нови проекти, почнаа да работат со нив. После пак се враќаа на мојот пат, зошто и прокрај тоа што беше оштетен, тој беше вистинскиот. Околу него имаше зелени полјани поросени од солзи на среќа и болка, над него облаци од невини насмевки и мечти, потоци од надеж и признавам наивност и љубичици…

Налетав и на добри инвеститори, кои одејќи по патот се откажуваа поради една препрека кој беше поставена на средината и никој немаше смелост да ја премине – тунелот наречен Гордост. Вистина е дека го имав изградено доста над нормите, но…такви параметри ми беа всадени многу порано. Јас немам вина. А во него не беше толку страшно. Едноставно требаше да земат повеќе Трпение и Храброст. И малку Доверба. Но тоа ќе ги чинеше многу, па затоа тие го оставаа мојот пат и си избираа други патишта, други полесни проекти.

А мојот пат се рушеше. Бавно, но сигурно. Дупките станаа кратери полни со болка и безнадежност. Но јас не се откажувам од потрагата за инвеститор за патот Разум – Срце. Знам дека некаде има некој кој знае како не да го ремонтира, а да има ресурси да изгради еден сосема нов пат. Пат што ќе се нарекува само Љубов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi