Доколку денес се одржуваат изборите, републиканецот Ромни би можел да смета на 49% од гласовите, а демократот Обама на 47%. Само 4% од американските гласачи се неодлучни или пак би гласале за некој трет кандидат. Анкетата била спроведена само еден ден по изборната дебата во која Обама, според мислењето на многумина, го имаше својот најлош настап досега. Пред самата дебата во Денвер, Обама му “бегаше” на Ромни за 2%, а ситуацијата денес е обратна.
Обама беше ставен во тесно!
Ромни едноставно беше доминантен во дебатата и многу одлучен во својот говор.
“Во текот на дебатата Ромни изнесе повеќе конкретни предлози, а успеа и да се претстави како личност која претходно не била отуѓена од обичниот човек”, гласеше првата реакција на аналитичарите од “CNN” и “Fox News”.
На Обама не му помогна ниту тоа што веднаш по дебатата, по нејзиното завршување, го обвини Ромни дека не ја говорел вистината во текот на нивното соочување.
Интересно е да се нагласи тоа што за време на самата дебата, гласачите на Твитер огромна предност му дадоа на Ромни, кој буквално го стутка Обама во тесно и не му дозволи да се одбрани на начинот на кој што тој посакуваше. Некои експерти тврдат дека Обама можеби имал само лош ден, но други тврдат дека токму во текот на дебатата се случил пресвртот во американската изборна трка.
И двајцата имаат поддршка од своите партии!
Истражувањето за расположението на избирачите, кое што го направила агенцијата “Rasmussen”, покажува дека Обама има поддршка од 88% кај демократите, а Ромни 89% кај републиканците, што докажува дека и двајцата кандидати имаат и повеќе од одлична поддршка од своите партии.