Има ли спас од бездната на депресијата?

8 март, 20131
14

Се ослободив од проблемите. И како? – ќе прашате. Ете како: кога го поставив својот живот во сопствените раце. Нормално е за младиот, инфантилен и непораснат човек да го смета сопствениот живот за нешто создадено од други, за нешто веќе готово и предодредено. Тоа е непораснатиот човек. Тој живее во свет создаден и поседуван од други – од родителите, од големите луѓе. И тој плаче и негодува, вели: Ах овој живот не ми дава ништо!

И ете го мојот прв начин на избавување: пораснав. Штом го прифатиш животот како целосно своја одговорност, како облека што сам ја ткаеш, значи дека си веќе на вистинскиот пат. Некаде по тој пат е и љубовта…

А кога гледаш, празно е пред тебе, празен простор и само длабок космос и осаменост, те опфаќа страв. Ти си ткајачот на својот живот – еве сега треба да го направиш следниот чекор и те обзема страв. Страв од она што ќе се случува во иднина. Зошто нема ништо дефинирано. Го има само она што ќе се добие од твоите решенија. Или од твојата нерешителност.

Барајќи го своето спасение, јас си реков: Во мојот живот може да се случуваат многу страшни нешта! И по ѓаволите – сигурно ќе се случат! Па кој не боледува, кој не умира?! И така: јас можам да се соочам како жален и растреперен партал, како желе што вибрира од страв. Можам да ги дочекам исплашена и неподготвена (ние постојано сме неподготвени за се!)

Но можам да ги пресретнам и како смел човек. Можам да ги дочекам како железен камен, како карпа.  И некој збунето ќе праша: а како се станува смел човек, ако не си смел по природа?

Оној што така прашува се уште не пораснал. А јас ќе му кажам: порасни веднаш! Нема кој да направи тоа или она наместо тебе. Ако не си смел, токму сега е моментот да станеш смел!  А смел се станува решавајќи да бидеш смел. И кога континуирано и со сите сили се бориш за постигнување на тоа решение. Со други зборови, смел ќе станеш, ако решиш да станеш смел.

Другата моја формула за успех е Вистината. Вистината го прави човекот и смел и зрел. Ги лаже другите и себе си плашливото дете. Но ние знаеме – тоа ќе биде казнето и ќе отиде да плаче во аголот. Зрелиот и мудар човек е праведен и чесен. Така тој се избавува од интригите и злобата на денот. А мускулите и кожата стануваат тврди – зошто поради вистината трпи остри и зли удари. Но тие се балсам за него, зошто само му ја зголемуваат силата и смелоста. И јас секој ден си велам, пред да започнам да живеам: биди колку можеш подобар човек.

Тоа се накратко моите техники со чија помош излегов од бездната на депресијата и почнав да се движам кон вистинскиот живот. Сега сум среќна и исполната личност и знам дека сите убави работи што ми се случуваат во животот сум ги заслужила. Најтешката битка беше онаа со моите страсти. И се уверив во вистинитоста на фразата дека: Среќата им припаѓа на храбрите. Дека љубовта ќе се појави од зад аголот кога најмалку ќе ја очекуваш…Не престанав да верувам дека во животот се е можно, само треба да веруваш и да не се откажуваш од своите мечти и соништа. И еве денес го живеам мојот сон.

Среќата и љубовта одат рака за рака. Најпрво најдете ја среќата внатре во себе. Откако ќе го завршите конфликтот со себе, љубовта доаѓа како последица на успешно завршената работа.

И си мислам: Нашиот живот зависи основно од нас.

Последното што треба да го дополнам, зборувајќи за среќата, е еден збор. Бог.

Но од тој збор почнуваат сите други. Затоа јас престанувам.

One comment

  • milr

    9 март, 2013 at 16:50

    navistina ispravno i tocno,zosto se pocnuva so nas samite.potrebno e mnogu sila za da se pomine toj tezok period,i seko sovet vo toj kontekst e dobrodojden.pozdrav do avtorot.

    Reply

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi