
Студентката Кристина Спирс (22) се обидувала да живее здраво. Вежбала шест пати дневно, работела како јога инструктор и пиела многу вода за да ја одржува хидратацијата на нејзиното тело. Кога престанала да чувствува умор и почнала да станува повеќе пати во текот на ноќта за да оди во тоалет, не се загрижила.
“Бев полна со енергија”, вели таа. “Не спиев. Секогаш бев во движење. Никогаш не бев уморна.”
По некое време дознала дека причината за губење на потребата за спиење е тумор од 10 сантиметри на надбубрежната жлезда, поради кој хормоните работеле и во текот на ноќта.
“Бев потполно шокирана”, вели таа и додава дека не можела да верува дека сопственото тело ја изневерило.
Бидејќи открил дека нејзиниот тумор произведува два хормони – кортизол и алдостерон – д-р Вилијам Инабнет, еден од директорите на Центарот болници “Маунт Синај” во Њујорк, плашејќи се дека може да биде штетен по нејзиното здравје, и закажал операција на 29. октомври 2012 година.
Кога ураганот “Сенди” во октомври 2012 го погоди подрачјето на Карибите и Северна Америка, во болницата настанал хаос. Пациентите биле евакуирани од Медицинскиот центар “Лангони” и преместени во “Маунт Синај”, лекарите од двете болници работеле рамо до рамо за да им помогнат на најтешките случаи.
Болницата била преполна и поголемиот дел од редовните операции бил откажан.
“Моравме да преговараме со цел да составиме тим за операција”, се сеќава Инабнет, додавајќи дека му недостасувале сестри, анестезиолози и друг персонал.
Операцијата сепак била одржана и туморот од втор степен бил отстранет од Кристина. Според лекарите, операцијата била незгодна бидејќи туморот навлегол во црниот дроб.
Рак на кората на надбубрежните жлезди се појавува на еден од неколку стотици илјади луѓе.
“Не беше важно што нема електрична енергија”, вели Спирс, сеќавајќи се на закрепнувањето по невремето. “Бев среќна дека сум жива”.
Повеќе од година дена по операцијата, Спирс е здрава, но зема лекови за да не се поврати ракот. Таа вели дека поради тоа е често уморна, но полека ја враќа довербата во сопственото тело.