Шарен пудинг од зеленчук
Потребни состојки:
- 500гр компир
- 500гр морков
- 700гр спанаќ
- 3 јајца
- 100гр путер
- 200гр кашкавал
- 100гр чадена шунка
- 4-5 лажици брашно
- 1 чешне лук
- морско оревче
- сол
- бибер
Начин на подготовка:
Сварете ги посебно компирот и морковот во посолена вода, исцедете и испасирајте (секој зеленчук посебно). Спанаќот само кратко проварете го, исцедете и ситно исецкајте. Зеленчукот распоредете го во три чинии, па во секој дел додадете парче путер и едно јајце. Измешајте и посолете уште малку по вкус ако е потребно.
Пирето од компир можете да го зачините со малку изрендано морско оревче (ако сакате), во спанаќот додадете ситно исецкан лук и 2-3 лажици брашно, бидејќи смесата е малку поретка. И во пирето од морков, додадете исто така 2 лажици брашно.
Калапот за куглов премачкајте го со путер и посипете со трошки (презла), па распоредете да речеме прво пирето од компир. Можете да редите и по друг редослед, но поинтересно изгледа кога зеленото пире се наоѓа во средина.
Преку компирот изрендајте кашкавал и посипете со коцки сецкана шунка. Преку тоа распоредете го пирето од спанаќ, повторно изрендајте кашкавал и коцки сецкана шунка. На крајот, додадете го пирето од морков и се убаво измазнете. Печете во претходно загреана рерна на 190 степени околу 30-40 минути.
Пред да го извадиме пудингот на чинија, почекајте неколку минути малку да се олади, преклопете со поголема чинија и се заедно внимателно свртете. Добар апетит!