Ако пукне кондомот за време на сексуален однос или оралната контрацепција не е правилно дозирана, дали таблетката за ден подоцна е најдоброто решение против несакана бременост?
Безбедност во рок од 72 часа?
Сексуалниот однос без заштита е секогаш потенцијална опасност од несакана бременост, но и сексуално преносливи болести (гонореја, сифилис, ХПВ вирус). Исто така, има шанси да пукне кондомот при сексуален однос или оралната контрацепција не е дозирана редовно или правилно. Во сите тие случаеви, решението е итна контрацепција, односно таблетката за „ден подоцна“. Тоа се посебни контрацепциски таблети со хормонот прогестерон, кои треба да се земаат до 72 часа најдоцна по извршувањето на сексуалните односи, а најдобро е во првите 24 часа. Запомни дека таблетката има високо количество на хормони, затоа не смее да се користи како редовна контрацепција. Колку порано се земе, толку нејзината ефикасност е поголема.
Дејство
Најдобро е да се зема таблетката до 24 часа по сексуалните односи. Како што времето минува, така и нејзината ефикасност се намалува. Таблетката не делува ако сте веќе бремени! Тогаш единствено што може да направите, е да го посетите вашиот лекар и да одлучите што понатаму. Делувањето на таблетките за „ден подоцна“, го оневозможува оплодувањето на јајце-клетката, т.е. го спречува ослободувањето на јајните клетки (овулација).
Несакани ефекти
Како несакани ефекти може да се појават мачнина, повраќање, главоболки, болки во стомакот и дојките. Понекогаш се јавува и вртоглавица. Ако се јави повраќање, во рок од три часа треба да се земе уште една таблетка. Итната контрацепција исто така може да го поремети менструалниот циклус, во смисла дека следниот „период“ може да се појави порано или подоцна за разлика од вообичаено, и може да биде пообилен или послаб за разлика од вообичаено.
Единствениот доказ за ефикасноста на итната контрацепција, е добивањето на следната менструација. Ако следната менструација доцни повеќе од 5 дена, посетете на лекар.