Куќата се наоѓа во шума, во близина на споменикот во Петрова Гора во Хрватска. Од надвор изгледа како и било која друга куќа, но длабоко закопана крие една од најчуваните тајни на Југославија.
Сите простории се меѓусебно одделени со паравани и со врати со шок-вентили во случај на атомска експлозија. Во задниот дел се наоѓа бетонска врата од 40 тони, која може да разбие и да запре дури и бран од нуклеарен удар.
Во случај на војна или елементарни непогоди изградени се радио станици кои би требало да ја преземат целата државна комуникација. Ова е особено заштитено во случај да дојде до окупација.
Интересно е што лифтот не се движи нагоре кон спратовите, туку само надоле кон засолништето, каде што може да се преживее и до три месеци без излегување надвор бидејќи има многу филтри кои обезбедуваат сосема доволно кислород за тој период.
Куќата е закопана длабоко во карпите, а пензионираниот полковник Златко Цишпер објаснува дека таа се простира на 2.000 квадратни метри, со цела низа простории – електрична централа, кујна, складиште, просторија за спиење и простор за деконтаминација.
На вториот кат под земја се наоѓа и радио соба, со огромна надворешна антена, а постои и посебна просторија во која има само генератори за производство на електрична енергија.