
„Постојат кокошки за одгледување, кои се чуваат поради месо и кокошки што носат многу јајца. Машките пилиња немаат економска вредност за одгледувачите и поради тоа тие се убиваат”, вели Маркус Тинте, портпарол на Германското здружение за заштита на животните.
Половина од пилињата што се изведуваат се машки, но тие се непожелни, не се развиваат доволно брзо за да бидат профитабилни. За месо постои друг вид кокошки кај кои се одгледуваат и машките и женските пилиња.
Откако ќе се изведат во индустриските погони, пилињата веднаш ги делат според полот, машките завршуваат во машина за мелење со остри ножеви или се убиваат со гас.
„И во двата случаи станува збор за вистинска агонија на животните. За време на мелењето се случува некои да преживеат со тешки повреди, а на снимките за време на гушењето со гас може да се види како животните се борат за воздух пред да умрат”, раскажува Тинте за DW.
Убиените пилиња потоа се преработуваат во животинско брашно, а некои од задушените се користат и како храна за птиците грабливки во зоолошките градини, но според Германското здружение за заштита на животните, тој процент е многу мал.
„Никој, па дури ни индустријата не сака да продолжи со убивањето на здрави, машки пилиња”, смета ветеринарката Марија Краутвалд-Јунгаханс која ги истражува начините за одредување на полот на пилето пред да се роди.
Најдобар начин е да се одгледуваат женски пилиња за јајца и машки за месо, како што било случај пред 1950 година, но поради ефикасноста, почнале да се убиваат машките пилиња.