„Новите информации со кои располагаме се темелат на постојана анализа на податоци од радарот меѓу Јужното кинеско море и мореузот Малака пред да биде изгубен радарскиот контакт со леталото”, објави Австралиската агенција за поморска безбедност (AMSA), која ја координира потрагата.
Тие информации „укажуваат на фактот дека авионот летал побрзо отколку што се проценуваше што вклучува поголема потрошувачка на гориво и намалување на можното растојание што го поминал авионот кон југ во Индискиот океан”, навела меѓународната истражувачка екипа оформена во Малезија.
Според AMSA станува збор за најверодостојна трага за можно локализирање на урнатиот авион. Новата потрага се протега на околу 1.850 километри западно од Перт во западна Австралија.
Потрагата вчера беше запрена поради лошите временски услови.
Во текот на последните денови јапонските, тајландските и француските сателити открија објекти во океанот кои би можеле да бидат остатоци од авионот кој исчезна на 7 март со 239 патници.